Во пресрет на саботниот натпревар на РК Металург со екипата на Мотор Запорожје во Лигата на шампионите, Лино Червер се врати, но во поинаква улога од досегашната тренерска. Червар изјави за порталот sport1.mk дека нема да седи на клупата, туку ќе биде во публиката.
Червар откако го напушти Металург на 30-ти септември. го превзеде кормилото на хрватската репрезентација. Червар ќе остане на таа позиција додека не му заврши договорот со ракометниот сојуз на Хрватска, најверојатно после ЕП во Хрватска следната година (јануари). Оттогаш екипата е во рацете на Александар Јовиќ, кој оствари една победа, едно реми и три порази.
Иако во сабота нема да биде на клупата, Червар оваа недела ги води тренинзите.
„Тука ќе бидам неколку дена, до понеделник. Ќе помогнам малку, има што да се работи и да се коригира. Многу ни беше слаба одбраната на последните два натпревара, мора да го поправиме тоа. Меѓутоа в сабота нема да ја водам екипата, Јовиќ добро си ја врши таа работа, тој и ќе продолжи. Знаете, тешко е, сакам, ама не можам да постигнам на сите страни“ – изјави Червар.
После 8 години на кормилото на Металург, за прв пат ќе биде гледач од трибините.
„Навистина, ова не се случило. Баш ме интересира како е да се гледа од трибини, како изгледа Металург оттаму“ – заврши Червар.