Навивачите на Металург оправдано чувствуваат горчина по последниот пораз од екипата на Мотор од Запорожје. Како почна натпреварот, вчера Мотор требаше да биде целосно „размонтиран“ на дуелот со скопската екипа. Но тоа не се случи. Напротив, со очајна игра во второто полувреме, Металург доживеа заслужен пораз.
Кога 13 минути нема да постигнеш гол, тогаш екипата нема што да бара во тој меч. И токму тоа сега е прашањето кое ги мачи ракометните фанови. Што се случуваше во вториот дел, особено во периодот од 40-та до 52-та минута кога играчите на Мотор направија неверојатна серија од 7-0 и го свртеа резултатот во своја корист, од 16-13 на 16-20. Тогаш практично се реши натпреварот.
Да се вратиме на насловот на овој текст т.е зошто сметаме дека Червар треба да даде некои одговори.
  1. Зошто Червар инсистираше со Матиќ и тогаш кога не му оди. ОК, јасно е дека неговото искуство некогаш е битно, но на овој дуел, Матиќ не само што не помогна, туку и грешеше многу, и во напад и во одбрана. Зошто Матиќ не беше седнат на клупа?
  2. Зошто Талески не доби поголема шанса? На дуелот со Мотор, Талески можеби играше најдобро. Немаше технички грешки, стартуваше со два гола од два удари, и непотребно многу преседе на клупата.
  3. Зошто Мраковчиќ не доби поголема минутажа? Шпилер е феноменално засилување за Металург, но по толку долга пауза, јасно беше дека не може да издржи цел натпревар во полна форма?
  4. Зошто Пешевски и Божовиќ беа „заборавени“ на клупата толку долго во второто полувреме?
  5. Зошто 3 натпревар по ред последните 10 минути Червар инсистира на игра 2 пивота и 2 бека, кога противниците тоа го имаат прочитано и лесно се справуваат?
Од кога го следиме Металург, имаме впечаток дека ова е можеби прв пораз кој доаѓа како директна вина на лошо водење од клупата. Да не бидеме разбрани погрешно, сосем е извесно дека со ваков ростер, прашање е кој друг врвен тренер би се нафатил да води екипа во ЛШ, уште помалку да биде во игра до последната минута на секој одигран натпревар. Но силно веруваме дека кога некои грешки се очигледни, треба да се кажат.
Лино Червар направил многу за Металург. Тој е еден од најзаслужните (можеби и најзаслужен) за сите овие успеси на Металург во минативе години. Но промените во секоја организација се неопходни. Потребни се нови идеи, нов начин на функционирање.
Дојдено ли е времето, на крајот од оваа сезона, да дојде до промени на клупата на Металург?