На денешната прес конференција на РФМ, беше преставен официјално Лино Червар како нов селектор на македонската машка сениорска репрезентација. Червар изјави дека е свесен дека ја превзема репрезентацијата во незгоден момент, после неуспехот на предолимписките квалификации во Гдањск. Но, верува дека заедно со репрезентативците ќе ја продолжат македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас, СП 2017 во Франција и ЕП 2018 во Хрватска.

„Зошто одлучив да ја преземам репрезентацијата на Македонија во најлошиот момент, кога најголемиот сон Рио не се оствари. Сакам дури сега, кога е најтешко, да помогнам заедно со РФМ, со играчите, со сите оние во чие срце е ракометот, да ја продолжиме македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас, како СП 2017 во Франција и ЕП 2018 во Хрватска. Паралелно со тие цели, мораме заеднички да работиме на натамошно развивање на македонскиот ракомет. Да се води репрезентација е многу поразлично од водење на клуб. Да ја водиш репрезентацијата на една држава е голема чест, но и одговорност, бидејќи ракометот ја претставува и државата Македонија. Исто така да играш за репрезентацијата, за својата татковина, претставува најголем спортски успех и признание, пред сите спортски успеси“ – вели новиот селектор на Македонија.

Воедно изјави дека на сите ракометари вратите им се отворени во репрезентацијата и потенираше дека откако ќе дојдат дека главното нешто за нив ќе биде интересот на националниот тим.

„Кој сака да игра во репрезентацијата, вратите му се отворени. Но тие треба да знаат дека во моментот кога ќе дојдат, ќе се стават во интерес на националниот тим. Пред нас е баражот, најголем противник ни е времето. Јас верувам во работа, а ќе нема време за напорна работа. Знаете како е, селекцијата доживеа шок во Гдањск, но верувам дека со помош на играчите ќе одговориме на предизвикот. Ако се пласираме на СП, тоа ќе биде друга приказна бидејќи ќе имаме сосема доволно време да се подготвиме и сосема добро да ја претставиме Македонија на мундијалот во Франција“ – истакна Червар.