македонија публика

Од каде ли да почнам …
Ајде од последниот текст и одбројувањето до Хрватска и оној рецепт за Хрватски полнети пиперки.
Ама не наполнија како мисирка за Божиќ.

Тактиката на Обрван очигледно беше максимално прочитана, тактички тотално погрешно. Чудно е тоа што како да не знаевме дека Хрватска има шутери од типот на Дувњак и дружината. Одигравме некоја смешна плитка 6-0 зона, каде просторот од 8 до 11 метри беше небранет, ајде со Франција и Полска имавме пикеришта па бевме приморани, но тука??

“Не постои битка која не може да се добие, него постои војска која се повлекува”
Ние се повлековме уште во 5-та минута, не бре ние не ни влеговме да се надигруваме. Не бевме надиграни, бевме демолирани, однесени од виорот. Се смеевме на Србите, но бетер не снајде. Ние сме единствени на ова првенство без победа, нели е срамота?

Живееме за овие 60 минути, а вие како да не предадовте. Луѓето возеа со денови за само еден нерешен резултат? Оваа јавност веќе добро го познава ракометот и не може да се замајува со коментарите на ТВ, водителите од типот “Поразот полесно се прима со ваков капитен”. Ниеден пораз не е лесен, но ова не е пораз, ова е дебакл во кој немаше ни трошка надеж и желба за некакво надигрување, а камоли победа.

Па зошто ли отидовме на ова првенство? За да светот ја види нашата нова опрема?
Господине Обрван време е да го ставите прстот на чело и да се запрашате каде води овој пристап кон играта, што навистина ние постигнавме, освен дисциплина. Изоставивте една плејада на млади ракометари, за да отидете да губите? Која е вашата стратегија? Не ли мислите дека на некои воопшто местото не им е во репезентација? Не ли гледате дека немаат воља да играат и да се надигруваат? Или пак дека играте ракомет од 18 век и дека се влечете како полжави по теренот?

Проверени сили за што? Па Рио посекако ќе играме квалификации и без присуството во Полска. Исто како да не сме присутни, кој дојде не толчи.

Кире ти си икона наша и капата ти ја симнувам за направеното, но мислам дека треба да ги размрдаш малце и наместо да се прават математики на тајм-аут за нерешено и пролаз, да се прави стратегија за победа. Ќе го цитирам големиот Ивано Балиќ на еден тајм-аут пред неколку години “ШТА ЈЕ ОВО БРЕ ИГРАМО КО ПИЗДЕ”, а вие нажалост баш така играте.

Јас не памтам ние да сме имале некој таков подигнувачки тајм-аут, ние да може на тајм-аут и табла една партија да свртиме. Момци ние со полно срце до денеска бевме на ваша страна, но од денеска мислам дека народот многу поинаку ќе ве перцепцира. Денеска покажавте дека сте за секоја критика.

Ако е за некоја утеха го добивме фантастичниот Кузмановски и сигурно ќе се согласат и најголемите стручњаци дека Македонија за прв пат во ракометната историја добива таков комплетен играч кој подеднакво игра и во нападот и одбраната. Дејан прераснува во еден лидер на 23 години, Џомба како да е на тренинг си погодува од секаде, но овие најискусните и најстарите ги нема никаде целото првенство, а голманите приказна за себе.

Господине Обрван сепак би се сложиле дека целата кривица е во вас и кога веќе знаевме дека шансите да играме квалификации за Рио се огромни, тогаш во Полска требаше да се појават некои други дечки, да им дадете шанса на некои други да видиме што знаат и умеат. Но кога ќе го погледнеме домашното првенство и ситуацијата на клубовите и организираноста нивна, тогаш дефинитивно би се сложиле дека и учество на вакво натпреварување е премногу.

Најсветла точка е сигурно фалангата и оние луѓе кои патуваа со денови за да ве бодрат и кој го оставија најубавиот впечаток во Краков.

Се надеваме дека оваа шлаканица ќе ги освести сите и дека ќе го пребродиме и ќе извлечеме поука, но едно дефинитивно запаметете.
“НЕ Е ДОВОЛНО САМО ДА СЕ УЧЕСТВУВА, НЕГО ТРЕБА И ДА СЕ ПОБЕДУВА”

Автор на текстот: Томислав Угриновски