Со започнување на СЕХА лигата започнуваат и натпреварите на нашите два најголеми ракометни клуба со останатите реномирани клубови од регионот кои настапуваат во оваа лига, од оваа година засилени и со двете најдобри словенечки клубови.
И како за почеток, директен дуел на најдобрите македонски ракометни клубови, Вардар и Металург.
Металург и оваа година потпирајќи се на млади и полетни ракометари најмногу од својата школа, надополнети со неколку исто така млади и талентирани ракометари од екс ју просторите претендира да им ги замати сметките на поголемите клубови во финансиска и играчка смисла. Предводени од новитот капитен од оваа година Филип Талески, заедно со Ж. Пешевски, Ф. Кузмановски, Н. Костески и Д. Димитриевски, кои се со какво-такво искуство од изминатите неколку сезони, надополнети со оние кои треба да го собираат искуството М. Нелоски, М. Томовски, Д. Палески, сите репрезентативци во националниот дрес, на голот со Д. Дупјачанец и новото странско засилување Д. Арсиќ и неколку помлади странци кои допрва треба да го покажат својот потенцијал, тимот од Автокоманда е пред сериозни предизвици годинава. Јасно е дека ги очекува тешка сезона, како во СЕХА така и во Лигата на Шампионите, но токму тие силни натпревари треба да се предизвик за младите ракометари, да го покажат сиот свој потенцијал, и конечно да покажат дека од „таленти“ прераснуваат во одлични ракометари.
Вардар, оваа година засилен и со повеќе собрано искуство од изминатите сезони, ќе биде еден од главните фаворити за пласман на Ф4. И во Вардар, има смена на носителот на капитенската лента. Сега таа чест му припаѓа на пикерот на македонската репрезентација Стојанче Стоилов, кој ја презема функцијата од поранешниот капитен Филип Лазаров. Засилени со искусниот бек на шпанската репрезентација Канељас и хрватското десно крило Чупиќ, но без беспрекорните Тоскиќ и Брумен, како и со враќањето на талентираниот Деревен кој минатата сезона поради повреда ја пропушти скоро целата сезона, Вардар ќе биде повторно еден од фаворитите во СЕХА, со амбиција и во Лигата на Шампиони конечно да стигне до Фајнал 4.
Во СЦ „Борис Трајковски“ Лино Червар го пречекува Раул Гонзалес, а Пиратите ќе бидам домаќини на Комитите. Ова македонско и регионално дерби ја очекува ракометна Македонија и Европа. Искусните тренери ќе допринесат да имаме неизвесен натпревар во сите 60 минути. Сепак јасно е дека Вардар на хартија е фаворит во овој натпревар, па и на “гостински терен” ќе се очекува да победи, спроти младите и веројатно многу мотивирани ракометари на нашиот вице-првак, кои ќе имаат можност да се докажуваат и покажат што знаат на ракометните терени.
Автор: Б.А