Дарко Димитриевски еден од најомилените ракометари помеѓу Велешани и интернационалец уште од мали нозе. Роден е на 16.05.1993 во Велес. Игра на позиција лев бек и со своите 194 сантиметри е вистинска опасност за противничките одбрани.
Кариерата ја започна во родниот Велес во екипата на Борец. За подоцна да премине во екипата на Вардар, а веќе следната сезона и во Куманово, сезоната 2012/13. За кратко време ги освојува симпатиите на катарските скаути и менаџери, со што таму ја започнува својата интернационална кариера. Квалитетот не беше спорен, па така шпанскиот клуб Пуерто Сагунто го доведе во своите редови. После одличните настапи во АСОБАЛ-лигата, Адемар Леон експресно го ангажира во сезоната 2014/15. После неколку одлични трансвери во краток период, продолжи со одличните игри и го привлече вниманието на повеќе европски клубови, па така оваа сезона реши да ја продолжи во унгарскиот клуб Чургои и го облече дресот со бројот 88.
Зошто баш ракомет и кој е кривецот да го засакаш овој гладиаторски спорт ?
Ракометот го засакав уште како мал, бидејќи за мене беше единствениот спорт со вистински контакт. Со текот на времето, едноставно станавме неразделни пријатели со топката. Па така многу рано на 15 години започнав професионална кариера, а потоа само уживав во сето тоа. Едноставно ракометот е мојот живот и не би можел без него.
Најголем кривец за ракометот е мојот татко, кој секогаш беше тој што ме притискаше на тренинзите и ми помагаше, а воедно и ми помогна да го изберам вистинскиот пат.
Каде се осеќаш поубаво Шпанија или Унгарија?
За мене нема поубава земја од Шпанија, иако во овој момент сметам дека унгарската лига е поквалитетна од шпанската. Лига во која унгарците вложуваат многу повеќе него шпанците.
Омилен ракометар (идол)?
Не можам да кажам дека имам омилен играч, секогаш пробувам да научам нешто од секој играч, секој играч има свој посебен квалитет.
Каква е работата со младите во средините каде што имаш настапувано и колку тоа се разликува со нашата методика со младите категории ?
Па еве, после неколку сезони поминати надвор од Македонија, можам да кажам дека целиот тој пристап кон младите категории е многу посериозен и многу поразличен со една друга методика на работа. Дури и клубовите кои ги занемаруваат своите млади категории, најчесто се санкционирани и од федерациите.
Колку се разликува нашата лига од останатите и кога би можел да промениш нешто, што би додал или одземал ?
Уффф… ова е многу комплексно прашање и на ова има многу да се дебатира. Сигурно дека би променил, но што и како не можам да кажам, бидејќи за сето тоа треба една добра анализа за која треба време. Тоа работа е на оние кои се поставени да го работат тоа.
Екипа за која би посакувал да настапуваш во иднина ?
Не размислувам за тоа, едноставно секој клуб нов предизвик, па ќе видиме каде ќе ме однесе кариерата.
Мислење за квалификациската група за олимпијада ?
Групата е доста силна, а најмалце потценувачка. Мислам дека Македонија е искусна селекција и дека ќе се пласира на олимпијада. Македонија го заслужува сето тоа и конечно ќе се оствари сонот на оваа генерација за настап на ОИ во Рио. Впрочем сето ова ми наликува на оној филм „МОНТЕВИДЕО“, кога и покрај сите турболенции се’ се завршува со еден среќен крај.
Како и секогаш доаѓа време за смена на генерации, на оваа наша генерација и се бројат деновите. Tи си еден oд oние кoи пo вoзрaстa ќе јa предвoдaт трaнзицијaтa т.е пoдмлaдувaњетo вo репрезентaцијaтa. Како гледаш на потенцијалот кај младите ракометари? Треба ли да стравува македонската публика, во врска тоа?
Јас мислам дека не треба да се стравува воопшто. Треба навремено подмладување на репезентацијата, за да младите играчи стекнат искуство покрај старите и после тоа е многу полесно, кога ќе имаш лидер или ментор од калибарот на Кире.
Што би им посакал на оние најмладите кои почнуваат да се бават со ракомет?
На најмладите кои започнуваат да се бават со овој спорт, би им кажал дека ракометот е еден многу тежок и напорен спорт кој бара огромна посветеност, пожртвуваност и безброј откажувања во животот. Доколку сакаат да постигнат нешто со ракометот, мора да се посветат на школото и на ракометот. Да го остават на страна оној младешки живот и она забавување, затоа што патот до врвот е трнлив, а до врвот се стига само со преголема желба, работа и посветеност. Но, највеќе од се, би им посакал да спортуваат и да бидат идните амбасадори на Македонија.
А ние ќе му посакаме на Дарко огромен успех во кариерата и безброј голови!
Автор на текстот е Томислав Угриновски.