Македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков е нов ракометар на Рајн Некар Левен, објави попладнево лидерот на табелата во германскиот шампионат. Манасков ги поминал лекарските прегледи во Манхајм, после кои се потврди трансферот во таборот на добро познатите „лавови“.

„Пресреќен сум што доаѓам назад во Бундес-лигата. Секој ракометар сонува да заигра во најсилната лига во светот, а Некар Левен е најдобриот клуб во Германија во моментов. Ќе ги стискам палците за Некар Левен да ја освои титулата во Бундес-лигата, за летово да му се приклучам на актуелниот првак на Германија“ – изјави Манасков за официјалната веб-страница на Некар Левен.

Задоволство од реализацијата на овој трансфер искажа и тренерот на германскиот клуб, Николај Јакобсен.

„Презадоволен сум што успеавме да го донесеме Дејан во нашиот клуб. Тој е вистински борец, поседува богато интернационално искуство, зборува германски и ја познава Бундес-лигата од времето минато во Вецлар. Убеден сум дека одлично ќе се надополнува со Гудјон Валур Сигурдсон“ – истакна Јакобсен.

МакРакомет му посакува многу среќа во новата сезона на нашиот репрезентативец!