Со натпреварот помеѓу екипите на РК Радовиш и РК Металург 2 кој ќе се одигра денес, започнува вториот дел – пролетната полусезона од машката ВИП Супер лига. По првиот дел беа одиграни 14 кола, а до самиот крај остануваат уште 4. На крајот од првиот дел на врвот на табелата е РК Металург кој е без пораз по одиграните 14 кола, зад него се одличните екипи на РК Прилеп и РК Охрид кои се на делба на второ местпо со ист број на бодови. По одигрувањето на преостанатите 4 кола, ќе стартува и завршницата, односно плеј-оф фазата во која ќе се приклучат и екипите на РК Вардар и РК Макс Струмица.

Денес со почеток во 19 часот, во СРЦ ,,25 Мај“ во Радовиш ќе се сретнат екипите на домаќинот Радовиш и младата екипа на РК Металург 2 со што официјално ќе започне 15-тото коло од ВИП Супер лигата.

Во пресрет на овој натпревар, МакРакомет поразговара со средниот бек на РК Металург 2, одличниот Димитриоски кој на стартот на овој втор дел ни ги изнесе своите очекувања.

,, Како и на секој натпревар така и на овој влегуваме со голем мотив за играње и докажување, па според тоа очекувам сите да го дадеме својот максимум, борејќи се за секоја топка. Играме со екипата на Радовиш која е составена од добри и пред се искусни играчи. На нас, како млада екипа овие натпревари ни служат за собирање искуство, па токму затоа и нема да има голем притисок и ќе пробаме да уживаме во натпреварот. Што се однесува до продолжението на оваа сезона, пред нас се плејаут фазата, како и натпреварите од Купот на Македонија, па очекувам да покажеме добра игра на секој натпревар што следува.“ – истакна Димитриоски.

Директен пренос од сите натпревари од ВИП машката Супер лига можете да следите на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.