На нашиот избор за ракометар на неделата, минатата недела гласовите на публиката ги освои Димитар Димитриоски од Металург 2. Овој 17-годишен ракометар, сезонава максимално ја користи можноста да настапува во првата лига, и е предводник на една нова генерација талентирани металурзи. МакРакомет поразговара со него за неговите почетоци со ракометот, како и уште многу интересни работи за него и неговиот клуб.

Димитар кажи ни повеќе за твоите почетоци? Од каде љубовта токму кон овој спорт?

Љубовта кон ракометот ми се јави уште кога бев многу мал, бидејќи секој ден го поминував во сала гледајќи ги тренинзите и натпреварите на моите родители. Ракомет започнав да тренирам на 10 годишна возраст во една од школите на Металург, која тогаш беше под водство на тренерот Дарко Петровски.

Имаш ли ракометни идоли? Кои се тие ракометари чија игра особено те инспирира, учиш и да напредуваш?

Секој кој тренира и игра ракомет има свој идол, кон чија игра и стил тежнее, Јас имам повеќемина. Се восхитувам на игрите на Ивано Балиќ, Арон Палмарсон, Уве Геншајер, Гудјон Валур Сигурдсон и Енди Шмит. Речиси секој ден гледам видеа од нивните игри кои ми помагааат да се надоградам како ракометар.

РК Металург 2 е екипа која е составена од млади ракометари од кои дел си и ти. Оваа сезона во Супер лигата играш извонредно и си најдобар стрелец практично на секој натпревар. Што е она што те мотивира?

Ние сме многу млада, по возраст кадетска екипа, која сезонава доби задача да се натпреварува во најсилната Супер лига и паралелно во младинската лига. Свесни сме дека немаме искуство веднаш да направиме некои големи резултати во Супер лигата, па овие натпревари добро ни служат за да го собереме потребното искуство со посилни и поискусни противници. Но затоа, иако сме кадети по возраст, доминираме во младинската лига – 1 група, со шест победи во шест натпревари. Во секој натпревар влегуваме со еден мотив, победа, а моите добри игри секогаш се помогнати и од остатокот од екипата, бидејќи ракометот е колективен спорт. Мотивацијата за секој натпревар ја црпам од желбата за докажување и давањето максимум во секој елемент од играта.

Секогаш постои смена на генерации, овој пат станува збор за нашата машка сениорска репрезентација. Вие младите ракометари се очекува да бидете носители на играта. Како гледаш на потенцијалот кај вас младите ракометари?

Секој репрезентативен циклус носи по едно-две подмладувања. Така е и ред. Светот останува на младите. Затоа, наша задача е да работиме максимално, да се надградуваме, да се докажуваме, а селекторот е тој што ќе одлучи кој, кога и дали ќе го повика во сениорската репрезентација.

За кој европски клуб би сакал да настапуваш и со кој европски тренер би соработувал?

Јас и сега настапувам за еден голем европски клуб, Металург. А во иднина каде ќе ме однесе животниот пат, оставам да покаже времето во сооднос со мојата работа, труд и напредок.

Си имал можност и прилика да тренираш со првиот тим на Металург. Како е да се соработува со тренер како што е Лино Червар?

Одлично е чувството да се работи со тренер како што е Лино Червар. Тој е еден од ретките тренери кои верува во младите и им дава шанса. Тренинг со првиот тим е голема чест и мотивација за што попосветено тренирање со цел што поскоро приклучување кон првиот тим.

Твојот татко е тренер на екипата во која настапуваш. Каков е односот татко-син сега на теренот како тренер-играч?

На терен и на натпревар со татко ми имаме максимално професионален однос, тој е тренер, а јас играч како и сите останати. А надвор од теренот секогаш ми дава добри совети, конкретни замерки и критики за мојата игра, а многу ретко пофаби хахахаха

Со кои од соиграчите најдобро се сложуваш? Се дружите ли вон теренот?

Ние како екипа тежнееме кон тоа секој со секого да се сложува во игра, било да е во одбрана или во напад, бидејќи само како тим делуваме силно и можеме да победуваме и напредуваме. Поради секојдневните тренинзи и натпревари (бидејќи нашата екипа игра и во младинската лига и во Супер лигата) имаме многу малку време за дружење и излегување, но затоа кога имаме малку слободно време, максимално го користиме за дружба.

Како се подготвуваш за еден натпревар? Имаш ли некои ритуали?

Немам посебен ритуал, обично сакам да слушам многу гласна музика која ми помага психички да се концентрирам на натпреварот.

Што е она што може најмногу да те изнервира за време на еден натпревар?

На натпревар може да ме изнервира некоректна судиска одлука, но често знам да се налутам и самиот на себе, ако згрешам во битна ситуација која влијае на конечниот резултат.

Можеш ли да издвоиш некоја интересна случка од теренот која ти останала во сеќавање?

Интересни случки има речиси на секој тренинг и натпревар, така да посебно впечатлива случка не можам да издвојам, тренинзите и натпреварите се забава и уживање за секој од нас.

Кое е твоето мото?

Моето мото е: Тренирај, играј, уживај и сонот преточи го во реалност.

Што ќе им порачаш на читателите на МакРакомет

На вашите читатели ќе им порачам да читаат МакРакомет, затоа што тука можат данајдат многу новости поврзани со ракометот.