Македонија остана непоразена во вториот дуел на Кроација купот, кој се одржува во Умаг. И покрај тоа што против себе имаше поодморен противник, Македонија одигра многу подобро од дуелот со Хрватска и оствари позитивен резултат. Конечни 30-30 против сосем солидната репрезентација на Црна Гора.

Добро го почна дуелот Македонија. Прва постигна гол, преку Кирил Лазаров, ја контролираше играта до 10-та минута, кога имаше предност од 5-3. Во 10-та минута исклучување заработи Милорад Кукоски, и тоа на најдобар можен начин го искористија Црногорците, кои со серија од 4-0, се вратија во игра и поведоа со 7-5. До крај на полувремето, се играше изедначено, при што двете репрезентации со серии од по 2 до 3 гола во низа, го преземаа водството. За Македонија, вреди да се спомене периодот од 20-та до 25-та минута, кога Дејан Манасков постигна 4 голови во низа. На крајот од првите 30 минути, резултатот гласеше 18-17 за Црна Гора. Во овој период, кај Македонија одлични беа Дејан Манасков со 6 гола од 6 обида, Лазаров со 4 гола од 6 обиди, а извонредни беа и се подобрите Талески со 3 гола од 6 обиди, и Пешевски со 3 гола од исто толку удари на голот. Кај противникот, незапирлив беше Вуко Борозан со 4 гола од 5 обида, а уште 6 други репрезентативци се запишаа во листата на стрелците.

И второто полувреме продолжи во ист стил. Изедначено со голови на двете страни. Во второто полувреме нови играчи добија шанса кај македонската репрезентација. На паркетот во првите 15 минути од вториот дел на теренот се појавија Филип Кузмановски, Филип Лазаров, Васко Димитровски, и сите постигнаа погодоци. Црна Гора во 40-та минута имаше водство од 22-20, по што следува серија од 4-0 за Македонија (стрелци Димитровски, Кузмановски, Манасков и К. Лазаров), за водство на нашата репрезентација од 24-22 во 43-та минута. Потоа следи мал пад во играта на македонската репрезентација, надополнето со 2-минути исклучување за Пешевски што Црногорците умешно го користат и со серија од 6-0 прават пресврт и во 52-та минута поведуваат со 29-25. И кога се чинеше дека е решен победникот на овој дуел, следи серија на Македонија. По поминати 8 минути без погодок, црната серија конечно ја прекинува Филип Лазаров со својот втор гол на натпреварот. Следат и првите голови на Димитриевски Дарко и на Влатко Митков, за намалување на 29-28 и надеж за позитивен резултат. До крајот, во неизвесна завршница, Македонија успеа да се врати и да остане непоразена. Со головите на Ојлески и Филип Лазаров, мечот завршува со конечни 30-30.

Радува големиот број на стрелци кај македонската репрезентација, дури 12, како и фактот дека дел од младите играчи ја искористија шансата која што им се пружи. Она што треба да загрижи и на што ќе треба да се поработи е играта во одбрана (30 примени голови се премногу), како и падовите во играта (неприфатливо е Црна Гора во рок од 8 минути да ни направи серија од 6-0). Се на се, Обрван имаше можност да ја види формата на потенцијалните репрезентативци и да има подобра претстава за нивните можности.