ЖРК Вардар преку својата официјална веб страна соопшти дека Драгана Цвијиќ ќе го облече „црвено-црниот“ дрес, а договорот ќе стартува по крајот на актуелната натпреварувачка сезона. Цвијиќ со години наназад важи за една од најдобрите пивотменки во светот, а бидејќи ова е позицијата која е најранлива во редовите на македонскиот првак, овој потег навистина наиде на огромен поздрав.
„Вардар почна да го создава тимот за следните сезони, а ангажирањето на Драгана Цвијиќ е дел од намерата екипата да добие квалитетни засилувања на секоја позиција. Верувам дека со доаѓањето на Цвијиќ во нашите редови ќе имаме уште поконкурентна екипа подготвена за високи дострели. Вардар секогаш се стреми да ги има најдобрите можни играчи во своите редови, кои ќе придонесат за остварување на зацртаните клупски цели, врвот на Европа“ – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар во изјавата за официјалниот сајт.