Македонската репрезентативка, Елена Ливриниќ замина од ЖРК Металург и во иднина ќе ги брани боите на романската екипа Данубиус Галаци, со кој потпиша едногодишен договор со можност за продолжување.

За жал, уште една одлична ракометарка го напушта клубот, кој требаше да биде вистински конкурент на ЖРК Вардар. Раководството на ЖРК Металург ја смени политиката и реши да направи помладување во својот состав.

„Договорот со ЖРК Металург ми истекуваше оваа година. Додека размислував дали да го продолжам или не, добив понуда од романски Данубиус Галаци, која едноставно не можев да ја пропуштам. Сето тоа ќе биде ново за мене, но се надевам дека ќе се покажам во добро светло и имам добар придонес во екипата, со која ќе се избориме за што подобро место во првенството“ – изјави Ливриниќ.

Репрезентативката е втората наша ракометарка која пристигнува во Галаци, по ракометарката Дајана Јовановска.