Досегашниот репрезентативец на Македонија и активен голман на РК Вардар, Петар Ангелов – Диви денес одржа прес конференција за спортската јавност на која и официјално го потврди своето заминување од репрезентацијата на Македонија. Популарниот Диви цели 20 години и беше верен на оваа репрезентација и со оваа генерација ракометари даде свој значаен допринос за досегашните постигнати успеси, како и промовирање на Македонија во светот на ракометот. На одржаната прес конференција, Ангелов даде објаснување за својот потег нагласувајќи дека во случај да обезбедиме учество на ОИ во РИО и да биде повикан, сепак нема да ја прифати поканата на селекторот.
Како главна причина за неговата ваква одлука да се збогува со репрезентативниот дрес е тоталното игнорирање без никакво претходно објаснување од страна на селекторот Обрван зошто не е повикан за ЕП во Полска, како и за претстојниот квалификациски турнир за ОИ.
Во продолжение изворно ја пренесуваме целосната изјава на Ангелов од денешниот прес:
,, Јас сум човек што не го погазува својот збор. Последниве две-три години размислував за одлуката и нема да ја сменам ни ако одиме на Олимпијадата. Жал ми е што нема да бидам со нив, но им посакувам се најдобро во Полска, да се пласираат во Рио. Прв ќе ги пречекам на аеродром за да им честитам.
По завршувањето на Мундијалот во Катар, кој не помина како што очекувавме, повторно размислував за пензионирање, но по консултација со некои соиграчи од репрезентацијата решив да почекам и заедно да го оствариме олимпискиот сон. Се беше во ред до списокот за ЕП во Полска. Нормално, играч на тим во ЛШ што е во најдобрите 10 во Европа три години едноподруго очекува да биде повикан. Но, кога видов дека ме нема ни меѓу четворицата голмани на поширокиот список од 28 играчи за Гдањск, решив да кажам крај. Селекторот треба да каже зошто не сум повикан, мое е да играм, да бранам. За неговиот прв меч во Македонија во 2013 година јас не бев на списокот се до натпреварот Металург – Вардар во Автокоманда. По него селекторот ми се јави и ми се извини дека некој му рекол: ,,Диви и уште двајца не се за во репрезентација. Те молам, дојди и прави се дека сме згрешиле со списокот“.
Иако многу пати сум бил потценуван и покрај подобрата форма од одредени голмани, секогаш сум молчел за доброто на репрезентацијата, за да не се наруши атмосферата. Во ваков важен период не е во ред да спомнувам имиња и да зборувам за некој што не е тука. Затоа, немам коментар.
Секогаш е тешко кога мораш да се откажеш од нешто што го сакаш. Дресот на македонската репрезентација ми значеше се, од првиот до последниот меч. Дваесет години се многу, во нив дадов се, запознав многу луѓе, ја делев соблекувалната со вистински патриоти, со мои идоли, со одлични тренери. Сакам да и се извинам на мојата сопруга поради тоа што не бев покрај неа кога ми се родија близначките за време на СП 2009 во Хрватска. Огромна благодарност до соиграчите и до публиката, со која создадовме флуид и ја кревавме енергијата во тимот. За тие моменти вреди да се живее“
Непосредно по завршувањето на прес конференцијата на Диви му се придружија актуелните репрезентативци на Македонија, некогашните клубски колеги од РК Металург Манасков, Талески, Пешевски, Миркуловски, Никола Маркоски, Георгиевски, Стоилов, Митков, во знак на поддршка при што Наумче Мојсоски од името на репрезентативците ја даде следната изјава:
,, Со Диви сум од 1996 година во младинската репрезентација и од 1999 во Пелистер. Секогаш ја има нашата поддршка. Со среќа што и да реши во животот. Секогаш е добредојден.“
ПЕТАР АНГЕЛОВ -ДИВИ, СЕВКУПНАТА СПОРТСКА ЈАВНОСТ ТИ ЈА ДАВА СВОЈАТА ПОДДРШКА ЗА ТВОЈАТА ОДЛУКА И ТИ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВА ЗА СЕ ОНА ШТО ГО НАПРАВИ ЗА РАКОМЕТНА МАКЕДОНИЈА.
Но, сепак за секоја ваква изненадувачка одлука мора да постои дебела причина, која Ангелов ја истакна во својата изјава. На јавноста и останува да процени и да даде свои коментари за наведениот однос на селекторот Обрван и кои се тие што си земаат за право да донесуваат одлуки за тоа кој треба да се најде на списокот, иако тоа е задача на селекторот?!
Кога некој се дрзнува да го крои списокот на сениорската репрезентација, тогаш се прашуваме и можеме да замислиме што се се случува во останатите категории – младинска, кадетска, пионерска без разлика дали се работи за машка или женска репрезентација и дали избраните селектори навистина имаат толку ниска точка на ,,топење“ штом дозволуваат некој друг да им ја врши сопствената работа?!