Јуниорската репрезентација на Македонија денес ги започна натпреварите на ЕП во Данска со пораз. Нашите млади надежи претрпеа пораз во воведниот натпревар против репрезентацијата на Норвешка 27:24 (12:7), која сосема заслужено дојде до првите бодови и ја оправда фаворитската улога. Натпреварот одлично го започнаа и двете репрезентации, а почетно водство од 2 голови имаше токму нашата репрезентација, 0:2. Од овој момент следуваше серија на противникот кој успеа со постигнување на неколку голови во низа да направи пресврт и да дојде во водство.

Тоа водство во текот на првото полувреме се зголемуваше, благодарение на многуте технички грешки од страна на нашата репрезентација, а на заслужен одмор, двете репрезентации заминаа со резултат 12:7. Иако сите очекуваа дека нешто ќе се промени во второто полувреме, се случи токму спротивното – техничките грешки, како и неорганизираниот напад допринесоа водството на нашиот противник да достигне до највисоки 10 голови разлика во 51-та минута.

Во последните 10-тина минути од натпреварот, нашите ракометари успеаа да ја преполоват разликата на противникот и на крајот да се изборат за пристоен пораз од 3 голови разлика. Најдобри поединци на овој натпревар беа одличниот Палевски кој постигна 6 голови и голманскиот тандем Томовски – Даниловски. За играч на натпреварот од нашата репрезентација беше избран Филип Кузмановски кој успеа да постигне 3 голови.

Утре со почеток во 20 часот, нашата репрезентација ќе го одигра вториот натпревар овој пат против репрезентацијата на Данска која е домаќин на ова натпреварување.