Далеку поинтересен ракомет од вчерашниот ден. Ден каде голманите го имаа главниот збор и каде фаворитите ги оправдаја своите улоги.

  • Унгарија – Црна Гора

Во овој натпревар Унгарците влегоа максимално инспирирани уште од самиот почеток. Предводени од одличниот Миклер на голот ја раздрмаа екипата на Црна Гора уште во првите 15 минути, кога резултатот беше 8:2 во корист на Унгарија. Нашите спаринг партнери Црногорците, пробаа да се вратат во неколку наврати, но одличниот Миклер тоа не им го дозволи. Црна Гора проба да ја промени одбраната од 5:1 во 6:0, но и тоа не донесе никаков плод во четата на селекторот Обрадович. Очигледно дека Душебаев добро ја спремил својата екипа и секој нареден противник ќе се соочи со сериозен тим. Рутинска победа на Унгарија од 32-27

  • Шпанија – Германија

Натпревар каков само може да се посака од две ракометни нации. Германците под водство на селекторот Даугурд Сигурдсон и Шпанците под палицата на Маноло Каденас. Шпанците искусни со проверени сили и дојдени само со една цел ЗЛАТО, а пак Германците со тотален ремонт во составот и без поголем успех од далечната 2007 и тој златен проект на Германија каде Кречмар и верната дружина жареа и палеа.
Се започна во корист на младите Германци кои во петтата минута имаа водство од 4:2. Следи тајм-аут од Шпанците кој вродува со плод и тандемот Виктор Томас – Македа и несовладливиот Штербик ја носат Шпанија на неверојатна серија од 11-2. На тоа не потклекнаа младите Германци, кои се вратија во игра и на полувреме заминаа со негатива од само три голови. Но, што е најбитно и со три играчи повеќе во поле и без разиграниот Македа (кој заработи директен црвен картон поради неспортски потег, кога со топка го удри дирекно во лице германскиот репезентативец Вајнхолд). Вториот дел започна во знакот на Штербик кој не дозволи никакво изненадување и ги уништи сите желби на младите Германци за било каква сензација. Мечот заврши со победа на Шпанската фурија од 32:29.

  • Данска – Русија

Избраниците на Гудмур Гудмурсон (Данците) важат како едни од фаворитите на ова првенство, додека руската „зборнаја“ предводена од селекторот Димитри Торгованов според спортските букмејкери и прогнозери важеше како аутсајдер на овој натпревар. Но, не беше така и на теренот. Русија беше таа која ја имаше комплетната контрола на натпреварот се до пред крајот. Данците скоро целиот натпревар бркаа негатива од 2-3 гола разлика, благодарение на блескавиот Ландин кој блескаше на голот на Данците со 18 интервенции. Русија никако не успеа да се одлепи со некоја голема предност, Шелеменко и Горбох го предводеа нападот на Русите, додека вториот голман на Русија Киреев со своите 5 одбрани во вториот дел (сите во вистинско време), не дозволи изненадувања се до 55 минута. Младиот среден бек Ларсен ја одржуваше во живот Данска со своите голови и асистенци. Се беше во полза на Русија се до 55 минута, кога Ландин ги извади од колосек Русите. а брзоногите Дански крила ја казнуваа безмилосно секоја грешка на Русија. За на крај овој меч го завртат во нивна полза и однесат една голема победа од 6 гола (31:25).

  • Шведска – Словенија

Каков меч, каква драма. Во науката важи едно правило (две глави размислуваат подобро од една), но ова не важеше и на овој натпревар. Двата тренери на Шведска, Ола Линдгрен и Штафан Олсон се чинеше дека тотално го надмудриле словенечкиот стратег Веселин Вујович. Словенија делуваше немоќно во првиот дел, како во одбрана така и во напад. Нивната 5-1 одбрана не успеа да ги сопре разиграните скандинавци, кои играа како во транс и погодуваат од секоја позиција, за на полувреме заминат со огромна предност од 7 голови (16:9). На оваа шведска бајка и стави крај Вујович, кој во 34 минута од натпреварот преминува да игра во одбрана човек на човек (пресинг), одбрана која вроди тотален плод и на Словенците им даде крила, за веќе во 50-тата минута од натпреварот изедначат од пенал преку Бомбач 20:20. И кога веќе се чинеше дека Словенците контролираат се на теренот, тогаш ладните скандинавци ја искористија секоја нивна грешка преку младиот Нилсон и на 10 секунди пред крај постигнуваат гол, кој им ги донесе првите бодови во првата фаза. Конечен резултат 23:21.

Драги љубители на ракометната магија накратко се обидовме да ви го презентираме секој денешен меч. Дефинитивно сите ќе се согласиме, дека на ова Европско првенство нема фаворити и аутсајдери барем во првиот круг.
Видовме 8 одлични натпревари и 16 перфектно подготвени тимови.

Од утре започнува втората фаза на натпреварувањето и секоја победа запишана на утрешниот натпревар може и да биде победа за влез во понатамошниот дел од ова натпреварување. Сакам да дадам и една мала забелешката кон нашите ТВ-коментатори кои ги вршат преносите на ова Европско првенство.

“Драги мои ве молам немој да се топите како сладолед на стапче кога ке ја имаат топката Македа, Душебаев, Дибиров, Штербик, Горбок, Карачиќ и останатите. Ќе ве молам да го изоставите излишниот коментар НАШИТЕ. Тие не се наши, наши се Филип, Кире, Столе, Гоце, Борко и верната дружина. А доколку вкрстат овие ВАШИТЕ со НАШИТЕ, дефинитивно нема да им простат и нема да ја фрлаат топката во аут или нема да шутираат во голот .Затоа ве молам доста им спуштате ѕвезди, тие се ваши кога го коментирате Вардар, а никогаш нема да бидат наши, додека не го носат нашиот дрес.“

Автор на текстот: Томислав Угриновски