Понеделнички сите се разбудивме со обврски, но некаде длабоко во потсвеста сте ни вие 16 херои наши. Секогаш како да ни фали онаа самодоверба на крај дека сме непобедливи, како да не веруваме некогаш во самите себе дека тоа може да го направиме. Ние како да не верувавме доволно во чудото Полска, како да не знаеме дека ракометот се игра 60 минути. На полувреме некогаш се прашувам да не конзумираме средства за опуштање.
Дејан наш најмил, кога ЕХФ на оние Твитер прашања те праша дали може да го повторите успехот од Србија, ти како да потона во вода одговори МНОГУ ТЕШКО. Не е туку така испеана онаа песна “Абре Македонче”, да бевме така бестрашни ќе беше “Абре Македончиште”, зошто да е МНОГУ ТЕШКО? Значи нашата потсвест е веќе спремна на пораз? Ние повеќе се плашиме од пораз, него што посакуваме и веруваме во победа, а ја имавте во раце победата. Ајде вчера се исплашивте од моќните Французи, но денеска од кого се исплашивте? Од оние кои ги имаа наполнато гаќите од вас, од оние што не знаеја да врзат три топки, од оние што ги одведовте на 13 метри да играат. Имавме се во раце и пак се исплашивме, или можеби па и не сакаме медал или можеби некоја виша сила го гледа тоа и затоа не ни дава медал и ни ја врти среќата кога е најпотребно, да баш затоа бидејќи ние не веруваме самите во нас .Но, не сте само вие, тука се и уште одлични 300.000 кој не веруваат во вас, кој секој момент го користат да напишат или кажат нешто, со кое мислат дека се многу паметни доколку ве кудат и јавно искажуваат неверување, а од ракомет немаат ни „Р” само колку да кажат нешто, таа аура на негативна енергија е страшна работа. Но тоа е што е, ете сега можеби сонот Рио, а за сонот медал некоја наредна прилика, впрочем ние и отидовме со цел Рио, никој не веруваше во медал. Тука е најлошото што не веруваме во сопствениот квалитет кој го поседуваме и те како. Кога Германците би ја имале оваа екипа тие би биле шампиони по сите весници и насекаде уште 6 месеци пред првенството.
Господине Обрван за првпат ве видов тотално изваден од колосек, судиите стварно претераа .Еден напад на домаќините траеше цели 3 минути, а маваа како правила и да не постојат. Жалосно, али вистинито треба да се провери кој диоптер го поседуваат и еднаш да се испратат сите овие судии на еден тест и да одговорат што толку се плашат од нас. Па нели ние бевме аутсајдери…
Проклети да сте што расплакавте безброј мали деца и што скршивте 2 милиони срца кој чукаа за овие 16 лавови. Но ние не очајуваме зошто знаеме дека сме подобри од сите вас и во сон на сред ноќ, но само доколку вашите омилени судии си ја вршат работата коректно. Лавови СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН и на наредната утакмица верувајте многу повеќе во ва,с зошто ние веруваме во вас и тоа премногу. Вие сте нашата гордост!
- Исланд – Белорусија
Фантастичен меч кој ги сруши сите рекорди по ефикасност на Европските првенства. Белорусите покажаа дека се дојдени да се надигруваат. Исланѓаните го затворија Рутенка, но подзаборавија дека ракометот не е шах и дека е тимска игра. Па така Пуковски со 11 гола и левораките Баранау и Шилович ја уништуваа секоја капка надеж кај Исланѓаните. На моменти ниту расположениот Густавсон на голот на Исланд не можеше ништо. По многуте пресврти и неизвесност до последната секунда, Белорусија издвојува победа со 39:38 со што разврската во оваа група ја направи неизвесна до крајот.
- Норвешка – Хрватска
Натпревар чиј почеток дефинитивно им припадна на коцкестите. Дувњак и дружината каубои имаја предност дури од четири голови и тогаш кога се чинеше дека е се готово, дека Хрватска ќе ја одведе утакмицата рутинирано до крајот, тогаш се случи чудо. Норвежаните како препородени после тајм-аутот на Кристиан Берге, влегоа и ги зауздаа коњите на лутите каубои за во 39-тата минута имаат водство од 21:19. Хрватите на момент се вратија, но сето тоа беше недоволно за да ги запрат разиграните Норвежани, кој рутинирано го одведоа мечот до крај и издвојуваа многу значајна победа од 34-31. Селекторот Бабич дефинитивно ќе има главоболки после овој пораз.
- Србија – Франција
Овдека и нема што многу да се кажува освен само едно, VENI VIDI VICI. Да точно така дојдоа, видоа и победија, но не само што победија, него го демолираа тимот на Србија. Не знам што толку се дига прашина околу Станиќ, кој впрочем е само тренерка на голот на Србија, како и да не постои. Многу е неблагодарно да се прават споредби Станиќ-Борко. Бидејки Станиќ е во Ел-Џаиш, а Борко во Рајнекар, има разлика нели?
Но, да се вратам на мечот кој Французите го имаа под тотална контрола од почетокот до крајот, за да издвојуваат победа од огромни 10 гола и тоа 36-26.
Драги читатели тоа е тоа за денешната анализа.
Македонија нема да ја коментирам бидејќи не сакам да фрлам со камења по никого, впрочем никој не ја сакаше победата повеќе од нив, но само ќе повторам едно нешто.
МОМЦИ ВЕРУВАЈТЕ ВО СЕБЕ ЗОШТО НИЕ ВЕРУВАМЕ ВО ВАС.
Автор на текстот: Томислав Угриновски