Крилото на германската репрезентација, Уве Генсхајмер стравува од атмосферата во загребската арена, бидејќи ќе им ја направи потешка задачата. Тој со респект гледа на нашиот национален состав, пред се поради присуството на клупата на Раул Гонзалес.
„Македонија заедно со Словенија и Црна Гора се држави кои не се многу далеку од Хрватска. Тие ќе имаат многу публика во Загреб и сигурно ќе имаат огромна поддршка. Во таква ситуација ќе се чувствуваат како да се на домашен терен, а тоа ќе ни зададе големи проблеми на нас. Секако ќе ни ја направи нашата задача далеку потешка. Имам многу високо мислење за Раул, по работата со Вардар и со македонската репрезентација и јасно е дека тој ќе биде адут на нашиот противник на ова ЕП, но јас очекувам да стигнеме до самата завршница, а зошто и да не одбрана на титулата“ – изјави Уве Генсхајмер.
Ракометниот волшебник пред две години, поради повреда не настапи на шампионатот во Полска, на кој Германците стигнаа до златото.
„Тогаш бев разочаран што не играв, но тоа ми е само мотив повеќе за сега да се прикажам во уште подобро светло. Сите што ме познаваат знаат дека сум оптимист и секогаш атакувам на трофеи, така ќе биде и овојпат. Мислам дека имаме квалитет да стигнеме најмалку до полуфиналето, а таму да се бориме и за медал и за одбрана на тронот“ – изјави Генсхајмер.
Македонија против Германија игра на 17-ти Јануари во последниот натпревар од првата групна фаза.