Македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски одигра одлично на контролниот натпревар против Србија, со што покажа дека се наоѓа во одлична форма оваа година.

Георгиевски е свесен за големиот предизвик, кој започнува оваа сабота против репрезентацијата на Словенија на ЕП во Хрватска, но потенцира дека треба да бидат на уште повисоко ниво за да стигнат до посакуваниот резултат на ова ЕП.

Добро ни дојдоа овие две контролни средби. Победивме, покажавме дел од оние работи кои ги трениравме во изминатиот период, но исто така и има простор за уште повеќе да се напредува. Оваа седмица пред нас се уште неколку тренинзи во Скопје пред заминувањето за Хрватска, имаме уште неколку работи кои треба да ги поправиме до стартот на европското првенство. Резултатот од контролите не е толку важен, мораме да продолжиме да работиме, да го слушаме селекторот. Не би сакал однапред да прогнозирам до каде можеме да дотуркаме, најважно за нас е да останеме присебни, да одиме од натпревар во натпревар. Нашата примарна цел е да се пласираме во тој втор круг, имаме квалитет за да се најдеме во Вараждин, но мораме тоа да го покажеме на теренот. Првите средби секогаш се најважни, така и оваа саботната за нас против Словенија“ – изјави Гоце Георгиевски за порталот Екипа.