Македонската машка репрезентација во недела од 20:30 часот ја пречекува селекцијата на Романија во првиот дуел од баражот за Светското првенство во Данска и во Германија.
Десното крило, Гоце Георгиевски очекува неизвесен и тежок двомеч, во кој се надева дека ќе стигнат до триумф на двата натпревара.
„Доволно сме искусни и свесни за тоа каква репрезентација ќе имаме спроти нас и знаеме што можеме да очекуваме. Романија е во еден налет, гладна за успеси и за докажување со единствена желба да се пласира на едно големо натпреварување. Во последниот период доста вложуваат во нивниот напредок. Очекувам неизвесен и тежок двомеч. Ќе се потрудиме што подобро да се подготвиме, да одиграме максимално мотивирано и концентрирано за да стигнеме до триумф во мечот во Скопје, а потоа и во Клуж. Верувам дека оваа наша селекција има квалитет и сила да го задржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања“ – изјави Георгиевски.