Во изминативе години, со резултатите, со игрите, Металург ги размази своите навивачи. Затоа поразите сезонава му паѓаат тешко на секој фан на Металург. Но ако загребеме под површината на овие порази, ќе видиме една поинаква слика на Металург.
Во пресрет на последното коло, од групата Д во ЛШ, по одиграни 9 меча, можеме да заклучиме – Металург сезонава го направи првиот чекор кон создавање на моќна екипа. И, можеби поважно, кон создавање на нови играчи кои ќе ја носат репрезентацијата на својот грб во наредните 10-15 години.
Од седумте порази, Металург дури 5 загуби со 2 или помалку голови разлика. Пет натпревари, чиј исход можеше да заврши и во полза на Металург. И доколку металурзите беа само малку поискусни, концентрирани, па и посреќни во завршницата на овие мечеви, денес Металург ќе беше на едно од првите 2 места од групата и сите ќе го славевме нивниот успех. Но, вака е подобро. Овие резултати на Металург се пореални. Вака се градат и играчи и клуб, и најважно, вака се поставува темелот на нови успеси.
Сезонава, Металург, а преку нив и Македонија, доби неколку нови играчи. Талески од натпревар во натпревар е се подобар и покажува дека не залудно е посочен како најголемиот талент во македонскиот ракомет во последниве 10 години. Тешко ја почна сезоната, преминот од тоа да играш 5 минути на натпревар до тоа да си стартер со 35 минути на терен, не е лесен за еден 19-годишник. Но во последните неколку кола Талески го покажува својот раскошен талент. Червар имаше трпение, и упорно ги стартуваше сите натпревари со него – и тоа конечно се исплати. Кузмановски е веројатно откритието на сезоната. Освен во најтесните ракометни кругови, пошиоката македонска јавност го немаше видено, а голем дел, ниту пак чуено за овој млад Битолчанец. Но, Кузмановски максимално ја користи секоја дадена шанса, секоја дадена минута на паркетот, за да покаже дека не залудно дојде во Металург. Соиграчот на Талески од младинската репрезентација до пред некој месец играше за скромниот Пелистер во слабата домашна лига, а сега храбро се бори со многу поискусните играчи во ЛШ. И во напад и во одбрана. Покрај овие двајца бекови, Металург и репрезентацијата, конечно го добија и Пешевски. Неоправдано запоставуван, Пешевски расте од меч во меч, и се однесува капитенски на теренот. Екипата годинава доби и сигурност на голот. Дупјачанец можеби не е млад и перспективен, но за голман тоа е целосно небитно. Напротив, со искуството доаѓа и квалитетот кај голманите, и токму тоа го му го донесе на Металург Даниел Дупјачанец. Покрај нив, Металург ги доби и Костески, Маџовски, Палевски, како и одличниот Мраковчиќ и се подобриот Бувиниќ. Овие играчи, заедно со сега повредените Неловски и Фазлиќ треба да бидат основата на идниот Металург.
Но, треба да се биде реален. Претходно наброените играчи, не можат да го носат тимот целосно на својот грб. Заради годините, неискуството, па ако сакате и квалитетот. Во ракометот, она што може да ти го даде искуството, не може да се надополни со ниту еден талент. Затоа, за да целиот овој проект на Металург има смисла, тимот мора да биде засилуван само со квалитетни странски играчи. И не е важна нивната возраст. Важно е ако се носат странци тие мора да бидат за класа поквалитетни од моменталните играчи на Металург. Како Божовиќ и Шпилер. Просечни странски играчи, не само што не придонесуваат младите играчи во тимот да напредуваат, туку и ја фрустрираат публиката и придонесуваат Металург да ја губи поддршката кај навивачите. По наша слободна процена, за наредната сезона Металург треба да се засили со максимум тројца квалитетни играчи – голман, пивот и бек. Но ако, и само ако, тие се многу поквалитетни од сегашниот ростер. Секако, дел од сегашниот играчки кадар, мора да биде ослободен од обврските.
Металург сезонава, нема да дочека настапи во Европа на пролет. Тоа сигурно ќе влијае да понатамошниот развој на играчите, бидејќи во отсуство на силни меѓународни натпревари, за Металург ќе останат само мечевите во домашната лига, а таму е супериорен и нема екипи кои му се дораснати на квалитетот. Сега се гледа важноста на СЕХА лигата за екипата. Затоа годинава не смее да има кикс и наредната сезона, засилен, со година искуство плус, да се врати онаму каде припаѓа – во врвот на балканскиот ракомет, на пат кон врвот на Европа.