Вардар сигурно чекори кон првото место во својата група во Лигата на шампиони. Во тежок и до крај неизвесен дуел, Вардар денес успеа да го совлада тимот на ПИК Сегед со 23-21 и речиси и да успеа да го обезбеди првото место во групата.
Како што се очекуваше, Вардар имаше тежок противник во екипата на ПИК Сегед. По израмнетиот почеток, Вардар кон средината на првиот дел го засили темпото, се одлепи на 9-6, имаше и контра за +4, но Циндриќ не успеа, што на домаќините како да им даде снага дека можат да дојдат до позитивен резултат. Со серија од 3-0, Сегед се врати во мечот па до крајот на полувремето гледавме изедначен дуел. Сепак на полувремето се замина со водство на Вардар 11-12.
Во вториот дел Сегед одигра подобро, особено во одбраната и се до 20-та минута имаше контрола на резултато и играта (+2 и неколку напади за +3), но квалитетот на македонскиот првак не дозволи мечот да биде решен во овој период. Вардарци се вратија во игра, беа поконцентрирани и поспретни во нападот и на крајот триумфираа со 23-21.
Најдобар играч на Вардар беше Арпад Штербик, кој одбрани безброј зицери и го одржуваше Вардар во игра и кога беше најтешко. Одличен беше и Дибиров кој со неколку украдени топки и лесни голови, беше најзаслужен за триумфот на Вардар. На крајот, мечот го заврши со 6 погодоци.
По овој меч, Вардар се задржа на првото место на табелата со 16 бодови.