По завршувањето на обврските во Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар продолжуваат со натпревари во СЕХА лигата. Првиот натпревар е веќе во четврток, каде на домашен терен го пречекуваат ППД Загреб. Екипи кои после првиот дел од ЛШ, завршија на 5-то место во нивните групи. Натпревар во кој, како што изјави и Раул Гонзалес, вардарци мора да обезбедат победа, со која ќе одржат чекор со Загреб, Мешков Брест и Веспрем во трката за пласман на Ф4 следната година.
„Ако сакаме да играме на Ф4 мораме да победиме со Загреб. Сега сме на трето место и со победа би биле второпласирани. Треба да играме добро во одбрана, како на натпреварот со Колдинг. Загреб има добри млади играчи, но и некоолку искусни. Ќе мораме да ги користиме шансите, бидејќи Загреб знае многу бргу да казнува во контранапади. Карачиќ нема да игра, има повреда на коленото, а другите играчи ќе бидат истите што беа и против Колдинг. Можеби и Ангелов ќе брани, но играчите остануваат исти“ – изјави Раул.
Во салата ќе се вратат играчите Добривоје Марковиќ и Велко Маркоски, како и тренерот Вујовиќ кои претходно играле тука. Воедно капитенот на Вардар, Филип Лазаров ги покани навивачите да бидат дел од дерби натпреварот ова коло во СЕХА лигата.
„Го дочекуваме натпреварот во добра атмосфера по Колдинг, ни доаѓа реномран противник кој е големо име на Балканот. На тренерска позција е Вујовиќ кој беше во Вардар, а има и играчи како Добривоје Марковиќ и Велко Маркоски кои играле тука. Се очекува добар натпревар, што е добар предизвик за нашите навивачи да дојдат да го следат натпреварот“ – изјави Филип Лазаров.
Натпреварот ќе се одигра овој четврток во СЦ „Јане Сандански“, со почеток во 17:45 часот.
Фото: www.rkvardar.com.mk