Селекторот на нашата репрезентација, Раул Гонзалес знае дека допрва го чекаат тешките средби, па денеска пред тренингот соопшти дека никако не смее да има опуштање пред утрешниот дуел со Бахреин.
„Бахреин на мечот со Шпанија во еден момент во второто полувреме дојде и до три гола негатива. Мислам дека имаа и напад да намалат на два гола разлика. Мора да ги респектираме, да бидеме одговорни како на дуелот со Јапонија. Исто така битно е да внимаваме и на гол-разликата, која е многу битна кога се играат натпреварите по групи. Тоа може да биде решавачко на крајот. Ако победиме со отприлика слична гол-разлика како со Јапонија, ќе бидам задоволен“ – изјави Гонзалес.
Гонзалес нема да менува многу во составот, бидејќи според него треба да играат тие што се најдобро подготвени.
„Секогаш ќе играат најдобрите и ќе одиме чекор по чекор. Секако, постојано треба да бидеме фокусирани на победа. Бахреин е различен од Јапонија, има различни играчи, очекувам и јас различен меч од првиот“ – заврши Раул Гонзалес.