Вчера ракометарите на Вардар и покрај тоа што одиграа квалитетен и храбар натпревар, не успеаја да се пласираат на Ф4 во Келн. Вардарци одиграа нерешено 30:30 против Веспрем, но поради резултатската негатива од првиот меч во Скопје (29:26) не дозволи „црвено-црните“ да го остварат својот сон.
После натпреварот Раул Гонзалес и Стојанче Стоилов едногласно изјавија дека четвртфиналето го загубивме во СЦ „Јане Сандански“.
„Прво честитки до Веспрем кои беа подобри од нас во овој елиминациски круг. Ние го загубивме четвртфиналето на домашен терен во Скопје каде што не одигравме како што знаеме. Овде мечот беше фантастичен и за играчите и за гледачите. Сакам да им се заблагодарам на моите играчи бидејќи напорно работеа оваа недела, ние добро се подготвивме, но … Шанса постоеше, ние во првото полувреме бевме многу добри и во напад и со одбраната 5-1, а потоа имавме проблеми со Лекаи. Во последните минути тие беа подобри од нас и им посакувам се најдобро“ – изјави Гонзалес на кого се надоврза Стојанче Стоилов.
„Честитки за противникот за добриот натпревар и за пласманот на завршницата во Келн. Ние реално шансите ги пропуштивме во Скопје. Тој пораз нѐ осакати во борбата за фајналфорот. Одигравме добро, имавме шанси, но тоа е спортот, можеби следната сезона“ – заврши Стоилов.