Ракометарите на Вардар утре заминуваат за Германија каде во сабота го играат првиот натпревар од 1/4 финалето во Лигата на шампионите против екипата на Флензбург, каде ќе тргнат по одмазда, поради елиминацијата од 1/4 финалето во ЛШ пред четири сезони.

Тренерот на РК Вардар, Раул Гонзалес на денешната прес конференција изјави дека во саботниот натпревар ракометарите ќе влезат во натпреварот со размислување единствено за победа.

„Напорно работевме изминатата недела, добро трениравме и со исклучок на Карачиќ кој има проблеми, сите играчи се спремни. Ако сакаме пласман на Ф4 мора да одиграме уште во Германија добар натпревар, да не го чекаме само реваншот. Мора да се фокусираме и да се обидеме да победиме веќе в сабота. Ќе биде тешко, но јас имам доверба во моите играчи, само треба да ја повториме играта од Ф4 во СЕХА“ – изјави Гонзалез.

За утрешното заминување за Флензбург, единствен ракометар кој е неизвесен е Игор Карачиќ, кој има висока температура.