Во пресрет на квалификацискиот турнир на младинската репрезентација за престојното СП во Алжир 2017, разговаравме со еден од најталентираните млади ракометари, Горан Крстевски за престојните предизвици на репрезентативно ниво, како и за неговата одлична игра на клупско ниво.
1. Оваа сезона имавме прилика да те гледаме во РК Металург и РК Металург 2, каде максимално ја искористуваше минутажата во Металург, која Лино Червар ти ја даваше и одигра одлични партии во ВИП Супер лигата, каде си на 10-то место во најдобри стрелци во есенскиот дел со вкупно 58 погодоци. Очигледен е постојаниот напредок во играта. Што те мотивира да одиш напред?
Љубовта кон ракометот и желбата да станам што е можно подобар ракометар, се главните причини за напредокот во мојата игра.
2. Беше на поширокиот список на сениорската репрезентација, но по првиот рез, Лино Червар те остави да бидеш предводник во младинската репрезентација, со која те чека квалификациски турнир за престојното СП во Алжир 2017 година. Како гледаш на потенцијалот кај вас младите ракометари во овие квалификации?
Нашата младинска репрезентација располага со голем потенцијал и има квалитет да се пласира на ова Светско првенство. Се надевам дека со помош од нашата публика, добро ќе го искористиме домашниот терен и ќе го продолжиме континуитетот на учества на големите натпреварувања.
3. Во група сте со Полска, Португалија и Турција. Каде ја гледаш вашата шанса за пласман на СП, кога се знае дека само првиот ќе обезбеди виза за во Алжир?
Имајќи во предвид дека само првата селекција обезбедува директен пласман на ова натпреварување, нашата репрезентација ќе влезе максимално во овие квалификации, без никакви калкулации ќе оди на победа на секој натпревар. Што се однесува до противниците, мислам дека се рабoти за квалитетни репрезентации, особено репрезентацијата на Полска, која традиционално има добра репрезентација. Сметам дека турската репрезентација е далеку под нашето ниво, додека репрезентациајта на Португалиа е незгоден противник, кој може да направи проблеми и не треба да се потцени. Сепак репрезентациајта на Полска е нашиот најтежок противник.
4. Во сениорската репрезентација се случува помладување на екипата, ти веќе силно се наметнуваш да бидел дел од нејзе. Дотолку тоа се побара од тебе, можеби на следниот шампионат, подготвен ли си да одговориш на предизвикот?
Постојано вежбам и се усовршувам. Мислам дека ќе бидам подготвен и соодветно да одговорам на предизвикот. Особено голема чест ќе ми биде, да бидам дел од сениорската репрезентација.