Црногорскиот селектор Драган Ѓукиќ со голем респект гледа на Македонија, но и очекува неговите избраници својата најдобра партија на претстојното Европско првенство да ја одиграат токму против нашата репрезентација.

Според повеќето медиуми Црна Гора се очекува да биде наш директен ривал за третото место во групата на ЕП во Хрватска, а Ѓукиќ е свесен дека оваа средба ќе биде клучна за Црногорците.

„Македонија е тим со поголем рејтинг од нас и на нив останува тоа да го покажат. Сепак, на теренот не секогаш победува подобриот. Без разлика на тоа што ќе направиме со Германија, натпреварот со Македонија мора да се добие. Дури и да направиме огромно изненадување и да ја победиме Германија, тоа нема да значи ништо. Мечот со Македонците е дуел со директен ривал. Македонците живеат во бајка, го имаат европскиот првак, имаат одличен селектор, но и ние имаме што да покажеме“ – изјави Ѓукиќ по денешниот прв тренинг на црногорскиот состав.