Македонската машка јуниорска репрезентација успешно го заврши квалификацискиот турнир за пласман на ЕП, кое ќе се одржи во Данска. Во решавачкиот меч, во директен дуел со врсниците од Црна Гора, Македонија одигра одлични 60 минути и со убедливи 36-24 го совлада противникот. На овој меч јуниотите покажаа дека се исклучително талентирана селеквција, која ќе има што да покаже и на самиот европски шампионат.

Засилени со Кузмановски, кој заедно со Талески допатува синоќа од Полска, Македонија не му даде никаква надеж на противникот. Од почетокот покажа дека е подобар противник и веќе на полувремето имаше убедливо водство 18-11. Македонија од стартот играше течно, разноврсно во нападот и цврсто и подвижно во одбраната. Нашите репрезентативци само продолжија во ист стил и во вториот дел, и мечот го завршија со обедлив триумф од 12 разлика.

Присуството на Кузмановски значеше многу. Тој беше и најпрецизен со 10 постигнати голови од 12 обиди. Покрај него, одлични беа и Јагуриноски со седум гола од девет обиди и Горан Крстевски кој постигна пет погодоци. Четири гола постигна Давор Палевски, а по два гола запишаа Велковски, Маркудов, Трпчевски и Арсеновски. Одлични беа и голманите кои фатија многу тешки удари. Сепак, мора да се напомене дека буквално целата екипа заслужува честитки за тимската игра, вклучително и селекторот Јовиќ кој со години работи со оваа генерација, и одлично ги познава нивните можности.

Оваа генерација македонски ракометари дава надеж дека иднината на ракометот во Македонија е светла. Сосем сигурно е дека тие го немаат кажано последниот збор во јуниорската конкуренција. Кога на оваа селекција која настапуваше во Швајцарија ќе се додадат и Нелоски и Талевски, јасно е дека оваа селекција може многу на шампионатот во Данска – зошто да не и медал.