По (не)очекуваниот пораз од домаќинот Швајцарија, репрезентацијата на Македонија за играчи до 20 години денес го игра вториот натпревар од квалификациите за ЕП во Данска.
Како и сениорите, и јуниорите денес имаат настап на кој не смее да размислуваат за ништо друго одвен победа. Особено што за противник го имаат апсолутниот аутсајдер во овој спорт, репрезентацијата на Фарски Острови. Сепак, познато е дека во овие помлади категории традицијата на една држава во одреден спорт не мора да значи ништо. Впрочем токму ракометарите на Фарски Острови го покажаа тоа во дуелот од првото коло против Црна Гора, одигрувајќи нерешено 25-25. По првите 30 минути, репрезентацијата на Фарски Острови имаше и предност од 11-13, и тоа мора да биде предупредување за македонската селекција.
Македонија вчера одигра очајно второ полувреме (го загуби со 14-7), и тоа беше причина за пораз. Она што мора да се поправи е играта во напад. Ако тоа се подобри, денес може да очекуваме лесен триумф и директен неделен дуел со Црна Гора за пласман на Европското Првенство во Данска.
Мечот е со почеток во 17:00 часот.