вардар-киелце-полска

Киелце го запре Вардар во 5-тиот натпревар од Лигата на шампионите, надигрувајќи го на домашен терен во еден тензичен и нервозен натпревар со резултат 31:27.

Натпревар во кој „црвено-црните“ одиграа лошо во одбраната, нешто што на претходните четири натпревари им донесе победи. Во нападот брзоплето ги завршуваа акциите и најчесто не успеваа да го пронајдат патот кон голот на домашниот тим. Вардарци ниту еднаш не беа во водство, а не успеаја и да го израмнат резултатот. Ракометарите на Киелце ја имаа контролата на натпреварот ,кој го решија на почетокот од второто полувреме. Со серија од 6-2 се одлепија резултатски 22:17, доволно за на крајот да стигне до четвртата победа.

Пораз после кој Вардар го загуби првото место на табелата и сега е втор со 8 бодови, исто колку што има новиот лидер Барселона. Киелце е на третата позиција со ист број на бодови, додека по него следуваат Рајн Некар Левен и Веспрем со по 6 бодови.

Најефикасни кај „црвено-црните“ беа Дибиров и Скубе со по 6 постигнати погодоци, додека кај домаќините најефикасен беше Циндриќ со 8 постигнати погодоци.