Македонската нација е во исчекување на уште едно Европско првенство, кое можеби е и единствен настан на кој се дава големо значење и со голем интерес се следи. Ракометарите ги чека нов предизвик во Хрватска, а капитенот Кире Лазаров е подготвен за нов старт и нови успеси во националниот дрес.

Целта е да се мине првата фаза, а капитенот верува во квалитетот на македонската репрезентација, но и предупредува дека мора да се одигра максимално против секој противник.

„Секој натпревар е различен, ние така и ќе се поставиме без разлика дали во претходниот меч сме славеле или сме изгубеле. Мое лично мислење како долгогодишен репрезентативец и како капитен е дека Македонија може да се носи со секој противник. Се надевам дека ова ќе биде долго првенство, ќе ја оствариме првата и основна цел – пласман во следната фаза, а потоа да бидеме максимално фокусирани и однапред со ниту една репрезентација да не се предадеме. Без разлика дали играме со Германија, Данска или Шпанија, нема зошто да се плашиме, бидејќи верувам дека можеме да го изненадиме секој ривал. Ние сме искусна репрезентација што има минато многу зад себе, тоа ќе ни биде предност за да се обидеме да одиграме квалитетно првенство. Имаме квалитетни репрезентативци, квалитетно раководство, претседател, тренер, така што постојат сите предуслови за наш добар резултат“ – изјави капитенот Кире Лазаров.