Нашата најдобра ракометна репрезентација денес ги продолжува натпреварите овој пат од втората фаза, откако во еден одличен и до крај неизвесен натпревар од првата фаза против репрезентацијата на Србија, успеа да извлече реми и со тоа доби шанса за понатамошно натпреварување на ЕП во Полска. Наш денешен противник е селекцијата на Хрватска која според ракометните експерти не е селекција каква што ние ја познаваме.

Во пресрет на овој денешен натпревар, прв од втората фаза, капитенот на нашата селекција Кирил Лазаров го изјави следното:

,, Ќе одиме да ги изненадиме, ќе одиме на победа против Хрватска. Тоа ни е кристално јасно, иако ја респектираме Хрватска како противник. Хрватската репрезентација е слична како нас, играат од патриотски причини, секогаш има таков набој. Единствен минус кај нас е можеби непланираното трошење на силите на претходните мечеви. Ни се отвори да бидеме во егал со Франција и со Полска, и можеби тука малку непланирано се потрошивме. После имавме најтежок меч против Србија, и таму се потрошивме и физички и емотивно. Меѓутоа, таков е распоредот на ова Европско првенство што е една предност за нас бидејќи после натпреварот со Хрватска имаме четири дена слободни, доволно време да се одмориме.Во споредба со онаа репрезентација на Хрватска што играше лани на СП во Катар, не велам дека се послаби, нo сигурно се понеискусни, затоа што вметнаа млади сили. И можеби тука ја гледам нашата шанса во оние одлучувачки моменти доколку стигнеме до 45-50 минута да бидеме во егал, да не ни се одлепат на почеток како што направија на мечот со Исланд. Тука е нашата предност. Ние сме веќе навикнати на такви завршници, веќе сме отрпнати. Сепак, немаме што да се чуваме, ќе дадеме максимум, после ова имаме четири дена да се одмориме. Ќе се обидеме да пружиме добар натпревар. Не треба да одиме на сила, треба да одиме со памет. Мислам дека ќе биде добар натпревар и за око, сепак ние сме две репрезентации од балканската ракометна школа. Ќе се обидеме да се надигруваме и да ја изненадиме големата Хрватска“ – истакна Лазаров.

Овој дуел е закажан за денес со почеток во 20:30 часот.