Екипата на ЖРК Вардар и трета година по ред не успеа да обезбеди учество во финалето на најсилната европска женска ракометна лига. На патот на Вардар застана одличната екипа на Букурешт која оваа година е дебитант, а веќе финалист. Како што би рекол народот прво, па машко. Вардар беше катастрофално поразен 27:21 (14:9), иако резултатот не е реален според катастрофално прикажаната игра на легијата странци играчи како и стручен штаб на Вардар (меѓу кои единствена македонска гордост ни се Драгана Петковска, Сара Ристовска и физиотерапевтите кои за жал имаат повеќе минутажа на натпреварите од единствените две македонки.)
Иако сите во управата на ЖРК Вардар беа насмеани и радосни за веста дека добија најслаб противник и противник по мерка, денес тој најслаб противник и противник што ни е по мерка ни одржа најдобра лекција како се игра ракомет и како се посакува победа, иако за прв пат се најдоа во завршницата на овогодинешната Лига на шампиони.
Најдобар показател за ,,залагањето“ и прикажаната игра, како и желбата за игра беше постигнувањето на само вториот гол во 14-тата минута. Цели 13 минути, екипата на Вардар беше без постигнат гол, додека Букурешт со атрактивни голови ја полнеше мрежата на Лејно и успеа резултатски да се одлепи и да му даде до знаење на Вардар кој е фаворит, а кој е аутсајдер на теренот.
Пред почетокот на овој натпревар, кога беше јасно дека екипата на Ѓер е првиот финалист, ,,некои“ се ставија во улога на пророчици и веќе го ставија Вардар во финалето. Се случи токму спротивното, ниту финале, а што е уште потрагично ниту пак прикажана игра, борбеност, дисциплина, емоции и на крај сублимирани ниту П од професионалност, како одговор на тоа колку нереално се платени вардаровите ѕвезди заедно со стручниот штаб, за разлика од некои ,,маалски клубови“.
И сега што направиВТЕ?! И трета година по ред, Вардар без финале. И сега што треба да направИТЕ?!
По овој неуспех, иако многумина ќе кажат и ова е успех што стигнаа до Ф4, сепак на сите ни е јасно дека историјата ги бележи и ги памети само победниците, а останатите се само поразени и паѓаат во заборав.
На екипата на ЖРК Вардар и останува да се бори во домашното првенство за титулата и Купот на Македонија заедно со ,,нискобуџетните“ и ,,маалски“ екипи кои се составени од млади македонски ракометарки.
Ој Вардаре (не) македонски …