Македонија отсекогаш привлекувала врвни тренери. Ако се погледнат само дел од имињата кои работеле во Македонија, можеме да бидеме среќни. Тргнувајќи од македонските стручњаци како Радиќ, Савевски, Стрезовски, Темелковски, Стефановски и други, преку сите странски тренери кои беа дел од Кометал Ѓорче Петров, како Панов, Маковеј, Милатовиќ, селекторите во машката ракометна репрезентација – Тута Живковиќ, Вујовиќ, Обрван, се до денешните тренери на Вардар и Металург, Раул Гонзалес и Лино Червар.
Раул Гонзалес и Лино Червар – двајца тренери со две комплетно различни ракометни филозофии, годинава со комплетно различен тип на играчи, во екипи со различни концепти. Нема сомнение дека и двајцата многу придонесоа (секој на свој начин) за дополнителна популаризација на ракометот во Македонија, но пред се за подигнување на квалитетот на едно ново ниво. Па се прашавме, што би било кога во една ваква ситуација Червар и Гонзалес би ги смениле местата? Се решивме неделата на ЕХФ, во која клубовите немаат активности, да ја искорисиме за една ваква анализа. Food for thought што би рекле Американците.
Што би добил Металург со Раул Гонзалес како шеф на стручниот штаб?
Како типичен претставник на шпанската ракометна филозофија, Раул ќе може уште во развојот на младите играчи во играта да вметне дел од тој начин на игра. Во ситуација кога огромен дел од тимот е на возраст од 17 до 22 години, едно комплетно ново поимање на ракометот може извонредно да влијае на идните ракометни ѕвезди. Гледајќи го стилот на игра на екипата која ја води, јасно е дека Раул ќе може да изгради подобри напаѓачи и целосно да ја трансформира играта на Металург од дефанзивна во брза и напаѓачка.
Од друга страна, големо прашање е дали Раул знае ли да работи со млади играчи. Ако се погледнат екипите во кои претходно бил на клупата (Атлетико Мадрид и сега Вардар), јасно е дека Раул предводе екипи кои во ростерот имале вонсериски талентирани ракометари. Затоа, оправдана е грижата дека Металург не би ги постигнувал овие резултати со Раул на клупата.
Што би добил Вардар со Лино Червар како шеф на стручниот штаб?
Сосем јасно, со Червар, Вардар најмногу би добил во играта во одбрана. И сега, одбраната на Вардар е најдобра во делот А-Б од Лигата на шампиони, но во голема мера тоа зависи од феноменалниот Штербик. Се чини дека, Червар ќе може играчки дополнително да ја зацврсне играта на целиот тим во одбрана. Сепак, најмногу од се, Вардар би добил со искуството на Лино. Тој е супериорен во клучни утакмици. Човек што освојувал ОИ и светски првенства знае како да се добијат битните утакмици и знае како да се подготват играчите пред такви мечеви. Се чини дека во минатите две сезони, токму тоа му недостасуваше на Вардар во 1/4-финалните дуели.
Од негативната страна, големо прашање е како ќе се снајде Червар со толку многу играчки ѕвезди во екипата, особено кога и самиот е супер стар. Его, ова она). Од играчки аспект, несомнено играта на Вардар ќе стане подосадна. Ball control филозофијата целосно ќе го измени овој полетен и брз напад на Вардар.
Како и да е. Се чини дека во моментов и двајцата тренери се во екипите во кои можат да се снајдат најдобро. И практично е невозможно во блиска иднина да очекуваме Раул или Лино да го преземат кормилото на градскиот ривал. Или?