Според пишувањето на словенечко „Дело“, Давид Шпилер е нов играч на Металург. „Конечно се враќам назад на сцената, едвај чекам да ја почнам мојата втора кариера“, вели Шпилер, кој според првичните информации ќе биде дел од екипата на Металург до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката.

Кој е всушност Давид Шпилер? Се работи за словенечки репрезентативец, кој игра на позицијата среден бек. Роден е на 02.01.1983 во Крањ, Словенија.

За словенечката ракометна репрезентација има 30 настапи и 52 постигнати голови. Шпилер е дел од словенечката генерација која важеше за најталентирана на стариот континент. Во младинските категории Давид и Словенија стигнуваат до сребро на европското младинско првенство и бронза на светското јуниорско првенство.

Со ракомет започнал да на 12-годишна возраст, а првите информации за ракометот ги добива од тренерот Андреј Кавчник. Тренирал ракомет во Терму од Шкофје Лока и Превент, пред да направи трансфер во најголемиот словенечки клуб Цеље Пивоварна Лашко, каде всушност и почнува да игра на позицијата на која целосно се афирмира – среден бек, иако претходно настапувал на позицијата лево крило. По 4 сезони поминати во Цеље, Шпилер кариерата ја продолжува во Копер, Загреб и на крај Мешков Брест, каде минатата сезона заработи тешка повреда на рамото која го оддалечи од терените и која беше главна причина за недоразбирањата со клубот од Белорусија и раскинувањето на соработката.

Потпишувањето за Металург е шанса Шпилер да покаже дека не заборавил да игра ракомет и повторно да се стави себе си на ракометната мапа на Европа. Со неговото искуство и знаење, Металург добива многу на искуство и квалитет, во преостанатите мечеви во Лигата на Шампиони, но и во борбата за највисок пласман во македонското првенство.