Пред стартот на пролетниот дел од сезоната во ВИП машката Супер лига, ракометарите на Металург утре ќе одиграат пријателски натпревар против екипа од Косово. Овој натпревар е составен дел од подготовките пред стартот на една од најзначајните сезони за екипата на Металург. Во овој момент пред почетокот на втората полусезона, екипата на Металург е на чело на табелата со максимални бодови, без ниту еден пораз.
Овој натпревар од пријателски карактер ќе се одигра утре – 17.02.2016 година со почеток во 18 часот во спортската сала во Автокоманда. За сите љубители на ракометот и поддржувачи на Металург влезот на овој натпревар е слободен.
Она што е значајно е враќањето на трибините на навивачката група ,,ПИРАТИ“, која веќе утре со сето срце и сила ќе го бодри својот клуб. За таа цел, тимот на МакРакомет имаше можност да поразговара со некои од членовите на оваа навивачка група, кои едногласно ни го изјавија следното:
,, Иако имавме мал пад, сепак ние се враќаме сега на едно високо ниво. Се обидуваме да се вратиме на старите патеки, како ние така и клубот. Можеме да кажеме дека секогаш и секаде ќе бидеме со клубот и ќе се бориме заедно со нив до последна капка. Очекуваме Купот да го освоиме, да биде наш, не се откажуваме од шампионската титула, па зошто и неа да не ја освоиме?“ – порачаа ,,Пиратите“.