Во пресрет на почетокот на Европското првенство што ќе се одржи во Полска, еден од најзначајните и најпознатите ликови од светот на ракометот, германскиот екс-ракометар Штефан Кречмар даде едно свое видување и своја прогноза околу квалитетот на репрезентациите учеснички на ова првенство. За нашата репрезентација, Кречмар има пофални зборови, па токму заради тоа тој изјави:
„Македонците се многу силни психички, тие се големи борци со веројатно, најдобриот шутер во светот на ракометот – Кирил Лазаров.“
Покрај одличните зборови за нашата репрезентација, Кречмар даде свое мислење и за репрезентациите на Србија, Црна Гора, Хрватска како и за репрезентацијата на Словенија.
Кречмар: „Познато е дека балканските тимови го имаат тој турнирски менталитет и дека се многу горди што ја претставуваат својата земја. Се е можно бидејќи сите тие знаат да играат ракомет. Хрватска е секогаш кандидат за медал. Црна Гора е далеку од тоа, но за така мала земја успех е и пласманот на ЕП. Словенија има навистина извонредни играчи и неверојатен тренер. Што се однесува до Србија, навистина не знам што да кажам. Без Илиќ и без Вујин , во овој момент мислам дека Србите немаат големи шанси. Ако играат како на Супер Купот во Германија, сигурно немаат“
Нашите ракометари својот прв натпревар го играат веќе утре против актуелната репрезентација на Франција.