Машката младинска репрезентација на Македонија од денес до недела ќе биде дел од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во Данска. Нашата селекција овие натпревари од квалификацискиот турнир ќе ги одигра во Швајцарија, а наши противници се токму домаќинот Швајцарија, селекцијата на Фарски Острови, како селекцијата на Црна Гора. Првите две селекции ќе обезбедат пласман на ЕП во Данска.
Вечерва нашата младинска репрезентација го отвара овој квалификациски турнир со натпревар против репрезентацијата на домаќинот Швајцарија, кој важи за еден тежок и незгоден противник. Оваа репрезентација е поквалитетна во однос на изминатите години, а доказ за тоа е и освоеното шесто место на последното ЕП. Натпреварот е закажан за вечерва со почеток од 19:30 часот. На овој натпревар, како и на утрешниот против репрезентацијата на Фарски Острови ќе недостасуваат Филип Талески и Филип Кузмановски кои се дел од сениорската репрезентација која исто така е дел од квалификациски турнир во Полска која ќе се бори за учество на ОИ во Рио. Талески и Кузмановски ќе и се приклучат на младинската репрезентација за натпреварот против селекцијата на Црна Гора, кој можеби и е најзначаен.
Во пресрет на овој квалификациски турнир на нашата младинска репрезентација, МакРакомет поразговара со ракометарот Горан Крстевски кој ги изнесе своите очекувања и прогнози, како и даде мислење за нашите противници.
,, Без разлика каде се играат овие квалификации нашата цел е пласман на Европското првенство. За нашите противници би кажал дека се одлични и очекуваме тешки дуели со репрезентацијата на Швајцарија и репрезентацијата на Црна Гора. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, се надеваме и очекуваме помош од Талески и Кузмановски кои се со сениорската репрезентација. Имавме подготвителен период пред овие квалификации и одигравме два натпревари против селекцијата на Бугарија, која секако не е на ниво како што се нашите противници, но сепак беа добредојдени за самодоверба. Сепак, моето мислење е дека сме една квалитетна репрезентација и дека можеме да се носиме со секој противник.“ – изјави Крстевски.
Распоред на натпреварите на младинската репрезентација на Македонија:
Швајцарија – Македонија – петок, 19:30 часот
Македонија – Фарски Острови, сабота, 17 часот
Македонија – Црна Гора, недела 10:30 часот