Продолжуваат натпреварите од 15-тото коло од ВИП Супер лигата од кое на програмата денес се 3 натпревари. Најнапред во 12 часот, во спортската сала во Автокоманда ќе се сретнат екипите на РК Металург и РК Пелистер, натпревар кој нема некое значење и за двете екипи што се однесува до конечниот пласман на табелата.
Неколку часа подоцна, односно во 15 часот следува дуел помеѓу екипите на РК Вардар Јуниор и РК Тинекс Пролет. Домаќин на овој натпревар е екипата на Вардар Јуниор и истиот ќе се одигра во СРЦ ,,Кале“. Во моментот, екипата на РК Вардар Јуниор е на 5-тото место на табелата и нема никакви шанси за пласман во плејофот. Во пресрет на овој натпревар, МакРакомет поразговара со Илија Крстевски, ракометарот на Тинекс Пролет кој ни ги изнесе своите очекувања за овој прв официјален натпревар оваа година во нашето најсилно натпреварување.
,, Додека траеше зимската пауза, покрај засилувањата во екипата имаме и многу добра кондициона подготовка со добро познатиот кондиционен тренер Златко Јанакиевски. Одигравме неколку контролни натпревари со екипи од домашното првенство каде што го увидовме нивото на нашата подготвеност. Денес го играме првиот натпревар од пролетниот дел со екипата на Вардар Јуниор, екипа која што ни е добро позната. Натпреварот денес ќе биде едно добро скопско дерби и ќе видиме кој ќе биде подобар.“ – изјави Крстевски.
Натпреварот помеѓу овие две екипи ќе можете да го следите на МРТ1 со почеток во 15 часот.