РК Металург денес го игра последниот натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен. Денешен противник на екипата на Металург е одличната данска екипа Скјерн, која во првиот меѓусебен натпревар несреќно го порази тимот на Металург. Овој натпревар нема големо значење за Металург, бидејќи Металург ги загуби шансите за пласман во понатамошниот дел од Европското натпреварување. На спротивната страна е поинаква ситуацијата, со победа екипата на Скјерн ќе си го осигура местото во следната фаза.
Во пресрет на последниот натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен, тренерот на екипата Лино Червар и ракометарот Филип Кузмановски ги изнесоа своите видувања и очекувања за овој натпревар.

Лино Червар: “Ова е нашиот последен меч на домашен терен. Во изминатите седум натпревари, независно од победите или поразите, јас бев задоволен од мојот тим, бидејќи во ниту еден од нив не бевме надиграни. Ние можеме да го загубиме мечот, но не смееме да се предадеме, тоа им го кажав на моите играчи и на гостувањето во Шафхаузен. Последни два натпревари треба да ги одиграме како што треба и да се бориме, без разлика каков ке биде конечниот резултат, бидејќи овие млади играчи треба да стекнат навика да не се предаваат кога работите не одат како што треба.

Мислам дека Скјерн, заедно со Мотор, ќе бидат првите две екипи во нашата група. Нашиот прв натпревар во Данска го одигравме можеби и најдобро. Загубивме само поради неискуството и наивноста на нашиот млад состав. Тоа беше ден кога сите игравме максимално, од голманот до последниот играч. Ќе биде тешко да се повтори таков натпревар, без разлика што в недела играме дома. За нас ова ќе биде предизвик да дадеме се од себе, нашите млади играчи да се обидат уште еднаш квалитетно да му се спротивстават на силниот дански тим.

Ке биде тешко да се пробие нивната зона, играат типично скандинавска 6-0 одбрана. Нашите бекови ќе имаат многу проблеми и ќе мораме да надополнуваме во одбраната, со подлабока контакт зона. Мислам дека е многу важно да ја спечиме нивната транзиција, брзиот центар и контрите. Нема да ни биде лесно. Но, сепак, за нашите млади играчи овој меч е голем предизвик“.

Филип Кузмановски: “Играме со Скјерн и се уште ни е свежи сеќавањата на поразот при гостувањето во Данска. Ќе одиме на победа против Скјерн, иако Данците се фаворити за едно од првите две места во групата. За нив овој натпревар е важен за европска пролет, за нас е важен за реномето на нашиот клуб. Ние сме млад тим и имаме уште многу што да прикажеме во иднина. Не успеавме да се пласираме во следната фаза, но, иако немаме доволно искуство, со двете победи покажавме дека времето и квалитетот се наша страна. Ќе дадеме се од себе за да победиме за нашата публика, која ја повикувам да дојде и да не поддржи“.

Натпреварот помеѓу овие две екипи е закажан за денес со почеток во 18:30 минути, а ќе се одигра во СЦ ,,Борис Трајковски”.
Директен пренос од овој натпревар можете да следите на МРТ1