Капитенот на македонската репрезентација, пред утрешниот натпревар говори за атмосферата во тимот, како и за целта на нашата репрезентација на ова првенство, која е посилна оваа година за разлика од изминатите.

„Подготвени сме, имаме самодоверба, влегуваме мирно и сталожено. Позитивни сме и најавуваме големи амбиции, сепак свесни сме што нѐ очекува. Најважно е да се фокусираме, да ја задржиме оваа атмосфера којашто ја имаме и да го поминеме првиот круг. Од ден во ден треба да се чувствуваме посилни, похрабри и пофокусирани. Не смее ништо што ќе се случува во наредните денови да нѐ оттргне од целта, како на пример, дека сме пропуштиле шанса за победа против Франција или против Полска. Или пак да победиме, па да го запоставиме тој трет натпревар кој ќе биде одлучувачки. Треба едноставно да се бодриме меѓу себе и да правиме таква атмосфера за да можеме да го дадеме најдоброто од нас токму во тој решавачки период. Имаме со што да се пофалиме, имаме аргументи со кои ќе излеземе на терен. Имаме искуство, квалитет, разноврсност, поширок ростер и тоа се нашите предности во однос на минатите години.“– изјави Лазаров.

Нашата репрезентација е во групата А која натпреварите ги игра во Краков, а во групата А се уште и репрезентациите на Франција, Србија и домаќинот Полска.