По денешното зелено светло од РМФ за Лино Червар и неговото превземање на селекторското место на машката репрезентација, Червар за официјалниот сајт на РК Металург изјави дека ова за него е нов предизвик, предизвик кој е главната причина да ја прифати оваа одговорност.

“Многумина овие денови ме прашаа кој е мојот мотив да ја превземам репрезентацијата во овој тежок период, по лошите резултати на олимписките квалификации и непосредно пред важните бараж средби со Чешка. Мојот одговор е секогаш ист – љубов кон ракометот и потрага по нови предизвици, а ова е вистински предизвик. Ќе биде навистина тешко, бидејќи време има се помалку, а јас реално нема да го имам на располагање комплетниот состав скоро до крајот, поради клупските обврски на нашите интернационалци во странските пренства. Но, јас сум навикнат да се соочувам со потешкотии и се надевам на поволен вкупен резултат со Чешка, која, ете, по вторпат ми е судбина. Своевремено, ја презедов репрезентацијата на Хрватска, која во тој момент беше последна во Европа, и тоа непосредно пред баражот за пласман на СП во Португалија, а противник и тогаш ми беше селекцијата на Чешка. Епилогот е познат, во Португалија стигнавме до златните медали.

Ќе се обидам што подобро да се организираме и да се екипираме, а за свој помошник во овој период ќе го побарам Илија Темелковски, тренерот на Пролет, кој е исто така поранешен селектор. Што се однесува на составот на репрезентацијата, во овој краток период немам што да понудам ново, ќе треба да настапиме со проверени сили, без многу експериментирање, кое во овој момент може да биде и опасно. Наскоро ќе ги почнам разговорите со сите на кои сметам и ќе објавам и поширок список на ракометари за овие две бараж средби“ изјави Лино Червар.

Извор: www.rkmetalurg.mk