Женската ракометна репрезентација во рамките на „неделата на ЕХФ“ денес ги започнува подготовките за квалификациите за Светското првенство во Германија 2017 година, играјќи два пријателски натпревара со репрезентацијата на Црна Гора. Селекторот Симе Симовски на овие два натпреври, ќе има шанса да ја провери формата на ракометарките, како и да испроба некои нови работи со девојките во играта.

Во пресрет на овие два натпревари, разговаравме со нашата репрезентативка Елена Ливриниќ за атмосферата во репрезентација и подготовките за престојните прет-квалификации за СП во Германија.

Ви престојат два пријателски натпревари против Црна Гора, која неславно заврши на ОИ. Кои се твоите очекувања од овие натпревари? Каква е атмосферата во репрезентацијата, знаејќи ја големата пауза која ја имавте до првиот собир?
  • Без оглед што завршија неславно на ОИ, сепак не се репрезентација за потценување, иако се со доста подмладен состав. Атмосферата кај нас е на доста добро позитивно ниво, која верувам дека така ќе продолжи до крај на овие контролни натпревари.
Овие подготовки се за престојните прет-квалификации на 2-4 декември, за СП во Германија. Има време до тогаш добро да се подготвите, но кое е твоето мислење за нашата група (Исланд, Австрија и Фарски Острови)? Какви ни се шансите за пласман во бараж натпреварот?
  • Групата ни е доста интересна. Ќе продолжи понатаму оној кој ќе успее да го надигра противникот, затоа што сметам дека по квалитет нема репрезентација која отскокнува многу. Исланд, кој ни е многу добро познат, се надевам ќе успееме добро да му се спротивставиме. А репрезентациите на Австрија и Фарски Острови се непознати за нас, каде што верувам дека можеме да изненадиме со позитивни резултати и да се пласираме за бараж натпреватот.
Дали ќе бидат доволни овие два натпревари, или мислиш дека треба до крајот на Ноември да одиграте уште неколку пријателски натпревари?
  • Од натпревари никогаш доста, посебно на една ваква млада репрезентација како што сме ние. Мислам дека ќе добиеме максимална подршка од нашата федерација и во подготвителниот период ќе се организираат уште неколку пријателски натпревати кои добро би ни дошле.

*Првиот натпревар против Црна Гора, ќе го одиграат вечерва од 20:00 часот.