Екипата на ЖРК Вардар од следната сезона ќе биде посилна за Мајса Песоа (31), бразилска голманка, со која потпиша двегодишен договор и ќе остане најмалку до јуни 2018 година.

Мајса Ракел де Оливеира Песоа е репрезентативка на Бразил, а дојде токму од противникот на ЖРК Вардр на фајнал-фор турнирот во Лигата на шампионите, екипата на ЦСМ Букурешт.

„Со задоволство можам да потврдам дека од следната сезона голот на Вардар ќе биде уште посигурен со доаѓањето на Мајса Песоа. Нашиот голмански тандем и онака е еден од препознатливите белези на Вардар во Европа, а со Песоа сигурни сме дека ќе добиеме на квалитет и на цврстина во нашата одбрана. Таа е една искусна голманка со големо меѓународно искуство, кое претставува одлична препорака за нејзините способности и затоа Вардар е среќен што во своите редови носи голманка која би ја посакал секој тим во Европа” – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на ЖРК Вардар.