Помладената репрезентација на Македонија го заврши првиот тест со победа и пораз против репрезентацијата на Кувајт. По вчерашната победа, вечерва македонската репрезентација минимално загуби.
Тотално два различни натпревари, во кои селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац им даде шанса на сите ракометари да го покажат својот квалитет.
Во првиот натпревар, уште на самиот почеток нашите ракометари покажаа дека нема што да бара Кувајт на овој натпревар. Иако се случуваа многу измени, сите играчи го даваа својот максимум и го одржуваа водството целиот натпревар. На моменти беше +7, но на крај резултатот на семафорот беше 24:27.
За разлика од првиот натпревар, денес сосема друга слика од нашите ракометари, но и од ракометарите на Кувајт. Во првото полувреме се играше изедначено, се пробуваа тактики за во одбраната и нападот. За веќе во второто полувреме нашите млади ракометари имаат осцилации во својата игра, со многуте промени кои Брестовац ги правеше. Се водеше минимално, но грубата игра на Кувајт не дозволуваше на нашите ракометари да се одлепат резултатски. По што ракометарите на Кувајт ги искористија осцилации и грешките на нашите ракометари и поведоа со високи 22:16. За брзо време нашите ракометари се консолидираа во своите редови и намалија на 21:22, но во финишот не можеа да се изборат за пресврт и го загубија минимално со 22:23.
Генерално мисијата беше исполнета. Брестовац им даде шанса на сите млади ракометари да се докажат, за да го облечат националниот дрес на престојното Европско првенство во Шведска, Австрија и Норвешка.
Танкоски, Велковски, Марковски, Поповски и Костески беа меѓу најефикасните ракометари на овие два натпревари, а на голот Кизиќ и Митрески солидно го покажаа својот квалитет.
Македонија утре патува за Букурешт, каде викендов ќе настапи на „Трофеј Карпати“, заедно со Романија, Алжир и Холандија. Првиот натпревар ќе го игра во сабота против Алжир, во рамките на полуфиналето на овој турнир.
Фото: Нова Македонија