По двете победи на СП во Германија и Данска, вечерва македонската репрезентација го забележа првиот пораз откако загуби од репрезентацијата на Хрватска со резултат 31:22.
Нашите ракометари добро го отворија натпреварот, во нападот со „седум на шест“ и цврсто во одбраната. Сето ова фунционираше се до 9-та минута од натпреварот, која резултатот на семафорот беше 4:4. Во продолжение „црвено-жолтите“ ја загубија концентрацијата и направија неколку технички грешки, кои искусната Хрватска знаеше како да ги казни и резултатски да се оддели на натпреварот. По што на полувреме се замина со -5 погодоци, 16:11 за ракометарите на Хрватска.
Второто полувреме солидно го отворивме, со серија од 3-0 се доближивме на само 3 погодоци разлика, 18:15. Но, повторно грешки и враќање на високата предност на хрватите. Пробавме и дојдовме до шанса уште два пати да ја намалиме предноста на два погодоци, но повторно нашите ракометари брзаа, промашуваа зицери и правеа технички грешки кои хрватите без грешка ги казнуваа. За веќе во 50-та минута се реши натпреварот и само рутински се заврши и заслужено хрватската репрезентација ги освои овие два бода на СП во Германија и Данска.
Најефикасни на натпреварот беа Дејан Манасков со 6 и Кире Лазаров со 4 постигнати погодоци, а Борко Ристовски го заврши натпреварот со 9 интервенции. Кај хрватите најефикасен беше Дувњак со 5 погодоци, а на голот низ целиот натпревар блескаше Шего кој ги фрустрираше нашите ракометари!
Следува ден пауза и веќе во среда од 20:30 часот, нашите ракометари ќе играат против репрезентацијата на Шпанија.