Неколку часа по извонредниот натпревар, останува впечатокот дека оваа генерација македонски ракометари имаше огромна, неповторлива шанса да го совлада европскиот, светскиот и олимписки првак, репрезентацијата на Франција. Фалеше малку концентрација, малку среќа во последните 10 минути и вечерва можеше да славиме. А, она што го видовме во првите 50 минути од мечот, може само да храбри. Само да ни потврди дека од Македонија допрва ќе гледаме добри игри и резултати на овој шампионат.
Храбро Обрван ја започна битката со моќната Франција, фрлајќи го во оган младиот Кузмановски во почетната шесторка. Заедно со Миркуловски, Лазаров, Стоилов, Манасков и Гоце Георгиевски, со Борко на голот, Македонија од самиот старт покажа дека нема да се предаде ниту на овој, ниту на било кој друг меч со, условно кажано, фаворитите. Вкупно 10 изедначувања имаше во текот на првото полувреме, што покажува колку беа израмнети двата тима. Нема апсолутно ништо да им се замери на нашите репрезентативци во првите 30 минути. Можеби останува малку жал за слабо одиграните последни 2 минути, кога предноста од 2 играчи повеќе Македонија не ја искористи, промашувајќи во тој период пенал (единствениот промашен пенал на Лазаров на мечот) и зицер од контра на Манасков. Така со резултат 12-12 се отиде на паузата.
И во второто полувреме, Македонија не се предаде. Се обиде Франција на два пати да се одлепи и да го одведе мечот во мирна завршница, но неуспешно. Отиде на +2 во првите 5 минути од полувремето, но нашите репрезентативци со головите на Гоце Георгиевски и Кире Лазаров, го вратија мечот во егал. Прв пат на +3 се одлепи Франција во 44-та минута, но Македонија повторно покажа карактер и знаење. Со серија од 3-0 (Лазаров, Манасков, Георгиевски), во 47-та минута резултатот повторно беше егал, 20-20. Од тогаш, па се до 51-та минута се играше гол, за гол, до резултатот 22-22. За жал, во последните 8 минути, целосно падна концентрацијата на нашите репрезентативци. До крајот примивме неверојатни 8 гола за 8 минути, а постигнавме само 1, за нереално високи 30-23 по истекот на 60-те минути.
Кире Лазаров беше најпрецизен со 9 погодоци, пред Манасков со 5 и Гоце Георгиевски со 4 погодоци. Одличен меч имаше и Борко Ристовски со 10 одбрани. Кај Французите, Сорендо и Порте создаваа најголеми проблеми за нашите одбрамбени играчи и мечот го завршија со 6, односно 5 постигнати голови. Одличен беше и Омејер со 16 одбрани.
Македонската репрезентација утре има ден одмор, по што, во недела, ќе следи нов силен меч, овој пат со домаќинот Полска, кој во првото коло ја совлада Србија минимално со 29-28.