Младинската репрезентација на Македонија денес го одигра вториот натпревар на квалификацискиот турнир кој се одржува во Шафхаузен. Нашите млади ракометари во овој втор натпревар ја забележаа својата прва победа, откако во првиот натпревар кој се одигра вчера претрпеа пораз од домаќинот Швајцарија. Нашата селекција денес беше подобар и поуспешен противник во однос на селекцијата на Фарски Острови, совладувајќи ја 21:17 (8:8). Младите ракометари немаа нималку лесна задача, откако селекцијата на Фарски Острови во првиот натпревар успеа да ја изненади селекцијата на Црна Гора и да остане непоразена.
И двете селекции одлично го започнаа натпреварот, а првиот период помина во изедначена игра (8:8) иако нашата репрезентација имаше константно водство од +1 или +2. Веќе во второто полувреме, избраниците на селекторот Јовиќ заиграа посериозно, поцврсто и поорганизирано. Следуваа неколку одлични интервенции на младиот голман Мартин Томовски, а нашите ракометаритоа успеаа да го искористат и да дојдат до водство во периодот од 40-тата минута па се до 45-тата и тоа благодарение на одличните Велковски и Крстевски кои на крајот на оваа средба беа и најефикасни во нашиот состав.
Со оваа победа над селекцијата на Фарски Острови, Македонија е во одлична позиција за пласман на ЕП во Данска. Она што е потребно е и победа или евентуално нерешен резултат во дуелот против селекцијата на Црна Гора, кој е воедно и последен од овој квалификациски турнир. На нашата репрезентација за утрешниот натпревар ќе им се придружат и Талевски и Кузмановски кои беа дел од квалификацискиот турнир во Гдањкс, Полска.
Натпреварот против селекцијата на Црна Гора е закажан за утре, со почеток во 10:30 часот. Овој натпревар можете да го следите во живо на: www.handballtv.ch