талески сп 2019 македонија

Во синоќешниот дуел нашата репрезентација го изгуби натпреварот против Шпанија во второто полувреме. По извонредни 30 минути и 11 одбрани на Никола Митрески, нашите ракометари како да се откажаа уште во првите неколку минути во второто полувреме. Не е првпат кога играме против достојни противници целата сила да ја потрошиме на самиот старт, а потоа само да чекаме да помине времето се дури судијата не означи крај. Но, што е тоа е.

Откако ги сумиравме сите недостатоци од претходните утакмици, со ладни глави сме во исчекување на последниот натпревар, воедно за нас и најбитен. Вечер од 18:00 часот репрезентацијата на Македонија го игра своето финале на Мундијалот, како што во пресот по утакмицата изјави капитенот Лазаров. Каква тактика ќе користи тренерот Раул Гонзалес останува тајна, но за сигурни 2 поени едно е сигурно: цврста одбрана, сигурен напад и технички грешки сведени на минимум.

Исланд е репрезентација која ни најмалце не треба да се потцени. Го имаат извонредниот Арон Палмарсон за кого веќе видовме од претходните утакмици дека ретко кога промашува, а главен чувар на мрежата е нам добро познатиот Густавсон. На ова првенство Исланд игра солидно и е еден од фаворитите за поминување во следната фаза.

Дали конечно Македонија ќе го скрши малерот и по двата порази ќе се избори за победа, останува да проследиме за неколку часа. На нас преостанува да навиваме и да стискаме палци за нашите ракометари.