Македонската младинска репрезентација денес ги започнува тридневните квалификации за пласман на светското првенство кое годинава ќе се одржи во Алжир. Во група со Полска, Португалија и Турција, Македонија ќе треба да го освои првото место доколку сака да се пласира на СП.

Првиот противник на Македонија е и најголемиот конкурент за првото место, репрезентацијата на Полска. Оваа генерација на полски ракометари учествуваше и на ЕП 2016, каде го освои сосема солидното 8 место. Ако се знае дека Македонија на истиот тој шампионат заврши како претпоследна, 15-та, јасно е дека Полска е сериозен противник.

Но, младите македонски ракометари имаа силни мечеви во изминатава полусезона и напредокот во играта е евидентен. Ова особено се однесува на Талески, Неловски и Велковски, кои заедно со Палевски, Крстевски, Јагуриновски, Томовски и останатите, создаваат еден навистина силен колектив кој може да се носи со противниците. Впрочем, се чини дека и во минатото, проблемот не бил во квалитетот на овие ракометари, туку повеќе во психичката спремност. И на тој план, денес не смее да се киксне.

Македоската репрезентација мора да искористи уште една голема предност на овие квалификации – домашниот терен. Сите мечеви се играат во СРЦ Кале, пред домашната публика, и тоа мора да се искористи.

Денешниот дуел, веројатно клучниот за пласман на СП, е со почеток во 17.45.

*ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕН